„Во оваа ситуација на кампања за локалните избори сметам дека треба да се одложи изборот на претседател. Не сакам да станеме дел од политичката кампања, оти неретко се случува правосудството да биде цел на политички пораки. Затоа предлагам да го одложиме изборот на краток период“, рече членката на Советот, Светлана Стојковиќ, која прва предложи наследник на актуелната претседателка во заминување, Душица Димитриеска, да се избира по локалните избори, што потоа беше едногласно поддржано од другите нејзини колеги
До изборот на нов претседател на Советот на јавните обвинители, со ова тело, кое е надлежно за избор, оценување и разрешување на јавни обвинители, ќе раководи актуелниот заменик-претседател Башким Бесими
Иако во салата каде заседава Советот на јавните обвинители денеска беше поставен параван и гласачка кутија за избор на нов претседател на ова тело бидејќи двегодишниот мандат на досегашната претседателка, Душица Димитриевска, истекува утре, до гласање не дојде.

Членовите на Советот на јавните обвинители едногласно одлучија да го одложат изборот на наследник на Димитриеска. Причина беше еден друг избор, оној на градоначалници и советници во општините и во Градот Скопје, односно локалните избори закажани за 19 октомври и вториот круг на 12 ноември, доколку за тоа се наложи потреба во оние општини каде што нема да биде избран градоначалник во првиот круг.
За појаснување, на денешната 28. седница Советот имаше четири точки на дневен ред. Втората и третата беа тие што го предизвикаа интересот на јавноста.
- Донесување одлука за престанок на функцијата претседател на Советот на јавните обвинители на РСМ поради истекот на мандатот, гласеше втората точка;
- Донесување одлука за избор на претседател на Советот на јавните обвинители, беше третата точка.
Во однос на втората точка, претседателката на Советот, Душица Димитриеска, констатира дека нејзиниот мандат истекува утре, бидејќи на функцијата стапи на 1 октомври 2023 година, откако беше избрана три дена претходно, односно на 27 септември истата година. Според Законот за Советот на јавните обвинители, претседателот на ова тело се избира од редот на активните членови и неговиот мандат трае две години, без право на повторен избор.
Откако ова беше утврдено, Димитриеска, која уште денеска е претседател на Советот, отвори дискусија по третата точка, на која се очекуваше нејзините колеги да излезат со предлози за нејзин наследник.
Прва за збор се јави членката на Советот, Светлана Стојковиќ. Но, наместо за претседател на Советот, што врши за избор, оценување и разрешување на јавни обвинители, таа даде предлог изборот да се одложи и да се одржи по завршувањето на локалните избори.
„Во оваа ситуација на кампања за локалните избори сметам дека треба да се одложи изборот на претседател. Не сакам да станеме дел од политичката кампања, оти неретко се случува правосудството да биде цел на политички пораки. Затоа предлагам да го одложиме изборот на краток период“,
рече Стојковиќ.
Таа предложи, додека се избере претседател, со Советот да раководи актуелниот заменик-претседател Башким Бесими, чиј мандат на оваа функција не е пред истекување бидејќи беше избран девет месеци по Димитриеска.
Со предлогот на Стојковиќ согласи и државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој е член на Советот на јавните обвинители по функција, исто така, напоменувајќи дека има заменик-претседател, кој може да раководи со институцијата додека се избере нов претседател.
„Се согласувам да се одложи изборот и да продолжи по завршувањето на локалните избори. Би напоменал дека Судскиот совет има донесено одлука да не презема ништо во овој период“,
рече Коцевски.

И други членови на Советот се изјаснија оти сметаат дека е најцелисходно да се одложи изборот за наследник на Димитриеска, по што таа го стави предлогот на гласање.
Членовите на Советот на јавните обвинители едногласно донесоа одлука изборот за претседател на Советот да се одложи и да се одржи по локалните избори, а со ова тело дотогаш да раководи актуелниот заменик-претседател Башким Бесими.
Инаку, пред да ја отвори дискусијата Душица Димитриеска, која заминува од функцијата претседател на Советот, но не и од позицијата на член на ова тело, им се заблагодари на колегите за конструктивната соработка и за резултатите што Советот ги постигнал за време на нејзиниот мандат.
„Јас лично сум задоволна од резултатите кои ги постигнавме. Од вселувањето во новите простории и уредувањето, што го направивме исклучиво со наши средства, бидејќи немавме помош од други институции. Овој совет успеа да ги надмине сите забелешки на Европската комисија (ЕК) во однос неговата работа, а тоа подобрување на транспарентноста и образложување на одлуките на Советот, што претходно не беше правено. Советот така треба да продолжи и понатаму, а на новиот претседател му посакувам успешна работа“,
рече Димитриеска.
За нејзината работа како претседател на Советот, таа доби пофални зборови и од нејзините колеги, за несебичното залагање и за, како што рекоа дел од нив, сочуваниот интегритет, како пред очите на јавноста, така и пред меѓународната заедница.
Што се однесува до заменикот-претседател на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими, кој ќе раководи со ова тело додека да се избере претседател, тој е член на Советот од почетокот на април 2024 година. За заменик-претседател е избран на 17 јули истата година.
Од неговата биографија објавена на веб-страницата на Советот, може да се прочита дека дипломирал на Правниот факултет во Приштина во 1991 година, а правосуден испит положил во 2001 година.
Во март 2011 година се здобил со звањето магистер од областа на компаративната јавна администрација на Европската Унија, на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Инаку, магистерскиот труд му бил со наслов „Функционирање на судскиот систем во Република Македонија“.

Од професионалното искуство, Бесими навел дека во 1991 година се вработил во Министерството за внатрешни работи, односно во Секторот за внатрешни работи – Тетово. Од 1998 година работел како помошник-началник на ОВР Гостивар, а од 1999 година бил началник на криминалистичката полиција во СВР Тетово. Потоа од 2001 година работел како адвокат со седиште во Тетово, а седум години подоцна, односно во 2008 година, е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
„Во 2009 година, е избран за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија по предлог на претседателот на Република Северна Македонија, а избран од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Во 2014 година е избран за јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Од 03.04.2024 година ја извршува функцијата член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. На 17.07.2024 година е избран за заменик-претседател на Советот на jавните oбвинители на Република Северна Македонија“,
се наведува во биографијата на Бесими.