„Денес гледаме како тоа станува реалност – уапсен е директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, фатен на дело при земање мито, токму во институцијата што требаше да ја симболизира европската поддршка за нашите земјоделци, а воедно помогнат и од службеници кои биле дел од кабинетот на министерот Трипуновски“, пишува ексминистерот за земјоделство во објава на Фејсбук
Колку пати алармирав, укажував, зборував во текот на изминатата година дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби, вели поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во претходната влада предводена од СДСМ, Љупчо Николовски, коментирајќи ја акцијата по која во притвор завршија пет лица, меѓу кои и актуелниот директор на Агенцијата.

Својот став Николовски го сподели во објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која додава дека јавно предупредувал дека програмата ИПАРД 3 ќе крахира и дека со практиките на злоупотреби се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија.
Со тоа, според Николовски, под ризик се става целата ИПАРД 3 програма, вредна околу 100 милиони евра, која, како што вели, требаше да биде двигател на македонското земјоделство.
Во објавата тој сподели и видео од негово обраќање од собраниската говорница како пратеник во актуелниот состав на парламентот, во кое зборува за ова прашање.
„Денес гледаме како тоа станува реалност – уапсен е директор на Агенцијата, фатен на дело при земање мито, токму во институцијата што требаше да ја симболизира европската поддршка за нашите земјоделци, а воедно помогнат и од службеници кои биле дел од кабинетот на министерот Трипуновски“,
пишува ексминистерот за земјоделство.
Ова, според него, не е изолиран инцидент, туку последица на политичкото поставување луѓе без интегритет.
Николовски вели дека за време на неговиот мандат програмата ИПАРД 2 била 100 проценти искористена, со 2 369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската Унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси. Срамно е да се дозволи успехот што го изградивме, 100% искористеност на ИПАРД 2, 2 369 договори и реализирани инвестиции да биде доведен во прашање заради корупција и лични интереси“,
вели Николовски во објавата.
Тој прашува дали поради последните случувања Европската комисија веќе подготвува стопирање на програмата ИПАРД 3 за Македнија, односно дали ќе има стопирање на сите исплати за веќе реализираните инвестици, стопирање на потпишувањето нови договори и објава на нови повици.
„За само една година успеавте да ја уништите довербата што ја градевме со години, и притоа земјоделците да ја платат цената на вашата корупција и неспособност“,
вели Николовски, упатувајќи критики до актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска од партијата на Николовски, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, на прес-конференција прашаа дали актуелниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски е вмешан во скандалот и дали ќе поднесе оставка од функцијата по приведувањето на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, кој е осомничен за примање поткуп.
На Стоилев и на уште тројца осомничени во случајот за кој Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и коруцпија (ОЈО ГОКК) отвори истрагата, денеска попладне Основниот кривичен суд Скопје им одреди 30-дневен затворски притвор.
За петтоосомничената во случајот, Судот, како што информираа оттаму, го прифатил променетиот предлог на јавниот обвинител и ѝ определил мерка куќен притвор.
Според Обвинителството, првоосомничениот во случајот, инаку управител на фирма од февруари годинава до вчера, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветувал подарок – парични средства на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Другите тројца осомничени, од кои еден е даночен рефернерт во Управата за јавни приходи (УЈП), а друг е државен службеник во вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го поттикнале директорот на Агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, како што информираа од Обвинителството, иако фирмата на првоосомничениот не г исполнувала условите за доставување барање за користење средства од ИПАРД-програмата за мерка 3, директорот на Агенцијата, по применото ветување за подарок од 50 илјади евра, вчера потпишал договор за користење финансиски срества за фирмата. Притоа примил и дел од паричните средства во износ од 400 евра, кои при вчерашните претреси биле пронајдени кај него и одземени.
