Кај селото Станча поради паднато дрво непрооден и блокиран е патот кон селото Герман, се вели во утринскиот извештај на АМСМ за состојбата на патиштата до 6:30 часот
Поради излевање на реката Вардар кај селото Форино од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 кој води од Гостивар кон село Чегране. Поради ситуацијата, како што информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ), сообраќајот се пренасочува од селото Старо Чајле кон Форино.

Кај село Станча поради паднато дрво непрооден и блокиран е патот кон селото Герман, се вели во утринскиот извештај на АМСМ за состојбата на патиштата до 6:30 часот.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – Граничниот премин „Деве Баир“, Граничниот премин „Делчево“, Страцин и на Пониква, кои во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Оттаму потсетуваат дека во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.
