Кинеската царинска управа денеска објави дека ќе го „зголеми надзорот“ и „ригорозно ќе ги испита“ дозволите за увоз на храна, особено морска храна, од префектурите што не се опфатени со забраната, за која нагласи дека останува во сила
Царинската управа на Кина објави дека ќе ја зајакне контролата на увозот на група прехранбени производи од Јапонија по одлуката на Токио да испушти контаминирана вода од нуклеарната централа „Фукушима“ во морето. Веднаш по катастрофата во „Фукушима“ во 2011 година, Кина го забрани увозот на храна и земјоделски производи од пет јапонски префектури. Потоа ја прошири забраната и во моментов не дозволува увоз од 10 префектури.
Царинската управа денеска објави дека ќе го „зголеми надзорот“ и „ригорозно ќе ги испита“ дозволите за увоз на храна, особено морска храна, од префектурите што не се опфатени со забраната, за која нагласи дека останува во сила. Некои јапонски официјални лица стравуваат дека Кина, најголемиот купувач на јапонски морски плодови, би можела да престане да ги купува производите откако Токио ќе почне да испушта контаминирана вода во морето во август.
Со недели Кина силно се спротивставуваше на овој потег, посочувајќи дека тоа ја загрозува животната средина и здравјето на луѓето. Пред испуштањето, Јапонија планира да ја филтрира водата за да ги отстрани повеќето радиоактивни елементи, со исклучок на тритиумот, изотоп кој тешко се испушта од водата. Неговото присуство во вода треба да се намали далеку под нивото дозволено со меѓународните стандарди.
„Легитимноста на одлуката на Јапонија за ослободување на водата е сè уште многу сомнителна, како и веродостојноста на опремата за третман и интегритетот на програмата за мониторинг“,
соопшти кинеската царинска управа.
Тие додаваат и дека извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не ги одразува целосно ставовите на сите експерти кои учествуваа во процесот на проценка и дека сите експерти не ги прифатиле неговите заклучоци. Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси денеска изјави дека еден или двајца членови на тимот меѓународни експерти што стојат зад извештајот можеби искажале загриженост, но никој директно не му го изнел тоа.
Фото: EPA-EFE/Hiro Komae / POOL