„Иако овој викенд нема да бидеме на улиците, нашата болка, љубов и борба не престануваат. Продолжуваме следната сабота, посветени, обединети и гласни, во име на сите што беа неправедно одземени“ – велат организаторите на „Маршот на ангелите“
Оваа сабота, 2 август, семејствата на жртвите во трагедијата во т.н. дискотека „Пулс“ нема да излезат на редовниот „Марш за ангелите“ поради државниот празник Илинден, информираат од Здружението на граѓани „16 март 2026, Кочани“.

„Во име не сите мајки, татковци и семејства што ги загубија своите најмили во трагедијата во кабарето ‘Пулс‘ на 16 март, сакаме да ве известиме дека оваа сабота, на 2 август, нема да го одржиме редовниот ‘Марш за ангелите‘ поради државниот празник 2 Август – Илинден, ден што го слави духот на борбата за слобода и достоинство“,
велат од Здружението.
Оттаму веруваат дека овој ден заслужува почит и тишина, но и потсетување дека вистинската слобода доаѓа само кога има правда за невините, кога гласот на жртвите не е замолчен, туку чуен.
„Иако овој викенд нема да бидеме на улиците, нашата болка, љубов и борба не престануваат. Продолжуваме следната сабота, посветени, обединети и гласни, во име на сите што беа неправедно одземени. Во благодариме на вашата поддршка и разбирање. Да бидеме достоинствени како нивната љубов и силни како нивниот спомен“,
пишува во соопштението на организаторите на „Маршот на ангелите“.
Секоја сабота, низ улиците на Кочани, родителите на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, организираат протестен марш, со кој бараат правда, отчет и одговорност за изгубените животи на своите деца.