Компаниите ги чекаат субвенциите од петтиот пакет антикризни мерки кој е заглавен во парламентот
Субвенциите од државата добиени лани ќе се враќаат делумно, на рати и без камата
Компаниите и самостојните вршители на дејност, кои лани добија субвенции од државата за плати и за социјални придонеси (за април, мај, јуни, и за октомври, ноември и декември), треба да ѝ ги вратат добиените средства на државата, во висина од најмногу 50 отсто од остварениот финансиски резултат, пред оданочување во билансот на приходи и на расходи за 2020. За таа цел, претходно тие треба до Управата за јавни приходи да достават барање за пресметка на износот. Враќањето на средствата ќе биде на три рати – април, мај и јуни годинава, и во октомври, ноември и декември годинава, без пресметана камата.
Ова денеска го соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
За сите мерки за плати и за придонеси, лани од буџетот се издвоени 8,3 милијарди денари или 135,3 милиони евра, а треба да се вратат 1,2 милијарда денари или 19,6 милиони евра, односно 14,5 отсто од вкупно исплатена финансиска поддршка.
Субвенции за социјални придонеси од плата искористиле 1 738 фирми на кои им биле исплатени 109 милиони денари за 13 421 вработен, а 398 самовработени добиле 8,3 милиони денари. Фирмите треба да вратат 20,1 милион денари, а самостојните вршители на дејност 1,3 милиони денари, според барањата што ги поднеле во УЈП, до 31 март годинава.
Над 6 800 работници не зеле плата за февруари, што е речиси 11 отсто од вкупно 63 958 пресметки од компании кои се прифатени во УЈП.
За 133 работодавачи кои претходно добиле финансиска помош од државата и сѐ уште не исплатиле плати, се води постапка за присилна наплата. За оние компании, пак, кои поднеле барање и чекаат помош од петтиот сет на економски мерки кои заглавија во Собранието, УЈП ќе покаже толеранција и ќе им даде соодветни рокови, односно нема да ги блокира поради неисплатени плати.
Лукаревска денеска само апелираше Собранието што поскоро да го одобри петтиот пакет антикризни мерки.
