Латвиската антикорупциска комисија ги има сите компетенции, таа води случаи пред судови, има прекшочна моќ, има тренинзи, ги обучува партиите како подобро да работат финанасиски, а истовремено има и ревизорска улога, односно влегува и преверува. Меѓутоа, кај нас, … мислам дека е опасно една институција да има многу големи компетенции, побезбедно е да се разделени, вели истражувачот од Институтот за демократија во дебатата во „360 степени“
Во Европа постојат модели каде државното финансирање на политичките партии зависи и од бројот на членови во партиите, а во Македонија просекот на членство во партија е поголем отколку во Кина, вели Миша Поповиќ, постар истражувач во Институтот за демократија, во дебатата во „360 степени“ на ТВ Алсат посветена на финансирањето на партиите и неговата контрола. Според него, големите партии земаат најголем дел од колачот и во изборното рекламирање, меѓутоа, како што вели, често се занемарува бројот на партиски членови.
„Обично уредено е колку е често и колку се собира членарина, меѓутоа, големите партии имаат големо членство.Членарината е начин како да се израмнат, во симболичка смисла, лидерите на партиите и обичните членови. Ние имаме огромен број членови во однос на популацијата. Повеќе од десет луѓе на секои сто се членови на партии во Македонија. Во Источна Европа – три на секои сто се членови на партии. Во Кина – осум на секои сто, значи ние имаме повеќе“,
додава Поповиќ.

Идејата, пак, за јавното финансирање на политичките партии, како што објаснува Поповиќ, е да ги намали ризиците од корупција, но и да доведе до зголемување на демократијата вантре во партиите, преку вклучување на разни засегнати страни. Во странство, вели тој, тоа најчесто се мери преку вклучување на жени и млади во креирањето на позициите и политиките на партиите. И тоа ги намалува на долг рок ризиците од корупција и ги прави одлуките што се носат подобри.
„Не е идејата на јавното финансирање само да ги намали ризиците од корупција, иако тие се значајни кога зборуваме за приватно финансирање. Кај нас, исто така, има и други проблеми, примери каде што некои од донациите воопшто не се забележуваат и заведуваат, а кои се видливи во изборната трка. Понатаму, секогаш имаме гласини дека некој друг плаќа во туѓо име. Тоа се, практично, начини како да не влезе во сметките на политичките партии. Меѓутоа, идејата на државното финансирање е да постигне и други ефекти кои не ги гледаме дека се постигнуваат во земјата“,
вели Поповиќ.

Според Поповиќ, најдобвра европска практика на надворешна контрола за финансиското работење на партиите има Латвија, каде една институција има повеќе надлежности. Но, во земјава, како што вели, не би било добро толку моќ да е концентрирана во една институција.
„Латвиската антикорупциска комисија ги има сите компетенции, таа води случаи пред судови, има прекшочна моќ, има тренинзи, ги обучува партиите како подобро да работат финанасиски, а истовремено има и ревизорска улога, односно влегува и преверува. Таму успеале да сузбијат многу од негативните ефекти од финансиското работење и да затворат некои политички партии поради лошо финансиско работење. Меѓутоа, кај нас најдобро е оваа идеја околу сите етапи на детекција, санкција и гонење да се распределат на трите институции во земјава, како што е поставен системот. Мислам дека е опасно една институција да има многу големи компетенции, побезбедно е да се разделени“,
порачува Поповиќ.