Од ски-центарот „Попова Шапка“ денеска информираат дека поради неповолни временски услови и силни ветрови, жичарниците нема да бидат во функција

Најстудено изутринава во државава е на Попова Шапка, каде што во 7 часот се измерени минус осум Целзиусови степени. На овој скијачки центар, според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), се наврнати 97 сантиметри снег.
И на јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонските ски-центри, „Ски Македонија“, каде што се емитува видео во живо од Попова Шапка, може да се види дека таа е под снежна покривка.
Од ски-центарот „Попова Шапка“ денеска информираат дека поради неповолни временски услови и силни ветрови, жичарниците нема да бидат во функција. Прекинот ќе трае до подобрување на временските услови.
Освен на Попова Шапка, од видеата во живо на каналот на „Ски Македонија“ може да се види дека и во другите скијачки центри има снежна покривка и сончево време.
Од УХМР велат дека времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во претпладневните часови ќе продолжи да дува умерен до засилен ветер од северен правец кој наместа ќе биде со брзина од над 60 километри на час, особено вдолж Повардарието.
Синоптичарите најавуваат дека нови врнежи од снег на повисоките места може да се очекуваат во петок.
