И во текот на денешниот ден се пријавуваат проблеми во некои региони, главно во Фиер и Валона, бидејќи реката Семан достигна критична точка, потопувајќи цели области, објавуваат албанските медиуми

Албанија изминативе денови беше зафатена од невреме проследено со интензивни врнежи од дожд, што предизвика поплави на стотици хектари земјиште и голема материјална штета. Албанските медиуми, повикувајќи се на информации на министерството за одбрана, јавуваат и за една жртва.
„Жена која вчера исчезна во Девол, за која имаше сомнение дека била однесена од надојдените води, е пронајдена мртва. Припадниците на армијата се ангажираа во пронаоѓање на телото на 76-годишната Флора Хоџа, која боледувала од деменција“,
објавија медиумите.
И во текот на денешниот ден се пријавуваат проблеми во некои региони, главно во Фиер и Валона, бидејќи реката Семан достигна критична точка, потопувајќи цели области, се додава во медиумските извештаи.
Доколку временските услови продолжат да се влошуваат, ситуацијата би можела да предизвика уште една катастрофа за жителите на овие области во Југоисточна Албанија.
Ситуацијата е помирна со реките Вјоса и Шкумбин, додека нивото на водата кај мостот Мифоли е намалено.
Во Берат, предизвикани се големи поплави по излевањето на реката Осум, а оштетена е и водоводната мрежа. Општина Димал известува дека водата не е за пиење, додека службите за итни случаи ја чистат калта и водата по повлекувањето на реката.
И во регионот Лежа е забележано намалување на врнежите од дожд и интензитетот на водата, додека продолжуваат работите на зајакнување на насипот на реката Дроје во Курбин и оној во Тале, Лежа.
Ситуацијата е проблематична и во Девол. Според извештаите, максималните протоци на реката Девол ја принудиле хидроцентралата Моглица итно да ја отвори браната.
Според албанската електрокорпорација, КЕШ, засега нема потреба од отворање на браните на хидроелектраните на каскадата на реката Дрим.
