Интензивните врнежи од дожд ноќеска предизвикаа нагло зголемување на водостоите на неколку реки во Тетовско кои се излеаја од нивните корита и поплавија патишта и куќи. Според првичните информации, неколку села во општините Теарце и Јегуновце ноќеска се поплавени поради излевањето на реките.

Излевањето на Габровска Река е причина за поплавување и наноси од земја, кал и дрвја на регионалниот пат Тетово-Јажинце помеѓу селата Доброште и Одри.
„Патот Тетово-Јажинце e непрооден помеѓу Доброште и Одри поради излевање на речната вода. Се работи на отстранување на наносите од земја, кал и дрвја“,
објави Исен Асани, градоначалник на општина Теарце на својот фејсбук-профил.

Според жителите на Доброште, поради поплавите, оштетен е и асфалтот на коловозната лента на регионалниот пат Тетово-Јажинце. Во Јегуновце има поплавени куќи.
