Протестот е закажан за 18 часот и 5 минути, како симбол за задоцнета реакција на институциите
Вчера Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела со чие сторување дошло до пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март годинава – трагедија во која загинаа вкупно 62 лица, а 211 беа повредени

Попладнево во Кочани ќе се одржи деветтиот по ред протестен марш на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“.
Протестот е закажан за 18 часот и 5 минути, како симбол за задоцнета реакција на институциите. Тој истовремено е и за поддршка на повредените лица во трагедијата.
Во Кочани се бара правда за сите што настрадаа во пожарот, за кој учесниците во протестните маршови велат дека не е несреќен случај, туку масовно убиство.
Маршот попладнево ќе започне од Паркот на револуцијата, ќе продолжи низ трговскиот центар, потоа пред Општина Кочани, а оттаму кон Полициската станица и Основниот суд и Обвинителството.
Денешниот собир во Кочани следува ден откако Обвинителството подигна обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата во која загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
Иако првично бројот на осомничени во истрагата беше поголем и изнесуваше околу 50 лица, за дел од нив постапките се прекинати бидејќи во текот на истрагата не се обезбедени докази.
Шефот на обвинителството Љупчо Коцевски кажа и дека покрај двајцата поранешни министри, постапката се запира за уште девет други лица. Не кажа кои се ниту по име, ниту по функција. Само објасни дека запирање на постапка значи дека таа може повторно да продолжи, ако за такво нешто се соберат соодветни докази.