Ако Комисијата за заразни болести процени дека не е безбедно да се спроведе пописот, ќе почне процедура за неговото одложување, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
„Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради ковид-19 се членовите на Комисијата за заразни болести, ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука“,
изјави Симовски за телевизија Канал 5.
Тој вели дека доколку дојде до ваков предлог, тогаш ќе има потреба и од измена на законското решение, а тоа е подолга процедура.
„Ако даде препорака, оди во процедура на Кризниот штаб, па на Влада. Меѓутоа, за ние евентуално го одложиме пописот треба на крајот да се промени и Законот, што значи измена на законското решение, а тоа е огромна процедура“,
вели Симовски.
Додава дека ДЗС ја следи целата ситуација и евентуално ако Комисијата донесе препорака и таа се процесира, тие ќе ги почитуваат сите тие работи, но во моментот Заводот не може, а ниту има овластување да оценува што било и да бара какво било одложување.
Во меѓувреме, официјалната фејсбук-страница за претстојниот попис 2021 во Република Северна Македонија објави дека се шират дезинформации оти во домаќинствата ќе влегуваат тројца или четворица попишувачи.
„Ја молиме јавноста да не наседнува на овие провокации кои се надеваме се поради непознавање на Методологијата за спроведување на #Попис2021. Имено, во секое домаќинство попишувањето ќе го прави 1 (еден) попишувач“,
се вели во објавата.
Инаку, до утрово до 8:30 часот преку апликацијата за самопопишување се евидентирани вкупно 47 794 лица.
