Министерот за правда Бојан Маричиќ најави дека до крајот на годината ќе биде донесен закон за попис, кој ќе претрпи мали измени во однос на претходното решение кое беше во собраниска процедура пред изборите и тоа во делот на одредбата за стапување во сила, за пописот да може да се одржи во април 2021 година пред локалните избори.
„Ние имаме цврста определба и коалициски договор за спроведување на пописот идната година. Тоа е впрочем и дел од коалицискиот договор меѓу коалицијата ’Можеме‘ и ДУИ. Законот беше доставен во Собранието пред изборите, како влада остануваме на тоа, повторно ќе го предложиме во собраниска процедура, ќе има измени во роковите бидејќи, оригинално, кога беше предложен, требаше да стапи во сила година дена откако ќе биде донесен. Сега нема време за толку чекање бидејќи за година дена отприлика ќе бидат локалните избори. Определба на Владата и на Државниот завод за статистика (ДЗС) е пописот да се спроведе пред локалните избори“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање по брифингот со новинарите.
Верувам, додаде министерот за правда, дека до крајот на годината ќе биде донесен закон за да може во април 2021 година да биде спроведен пописот.
Пописот на населението, кој требаше да се одржи во април годинава, беше одложен поради предвремените парламентарни избори. И најавите по одложувањето беа дека тој ќе се реализира во април следната година.
Пред одложувањето на пописот, парламентарните партии со месеци не можеа да постигна договор за законот според кој би се извела статистичката операција.
Последниот попис во земјава се реализира во 2002 година, по воениот конфликт. Во 2011 година имаше обид за спроведување попис, ама потпишувањето беше прекинато со одлука на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. За овој случај СЈО отвори и предмет, со кој беа опфатени лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Неодамна и порталот „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ) пишуваше за пописот во земјава нагласувајќи дека Северна Македонија и Украина се единствените две европски земји што немаат попис од 2010 година, односно во последните десет години.
Во анализата авторите проценија дека се можни две решенија за „загатката со пописот“ во земјава.
„Првото и веројатно оптимално, но сепак помалку веројатно решение, е пописот да се одржи што е можно поскоро, без никакви политички интервенции и со силен надзор на меѓународната заедница. Дури и ако бројот на етничките Албанци се покаже помал од 20 проценти, краткорочните последици по правата на албанската заедница ќе бидат занемарливи. Како и другите многу помали малцинства, како што се Турците, и Албанците би го задржале правото на основно, средно, па дури и високо образование на нивниот мајчин јазик. Квотите за јавна администрација ќе бидат укинати, но етничката рамнотежа меѓу вработените веројатно нема да се промени бидејќи меѓународната заедница не би толерирала масовни отпуштања на вработени Албанци, ако има обиди за нешто такво“,
се наведува во текстот.
Второто и, според авторите на анализата, сè поизвесно решение, би било од пописот целосно да се изостави прашањето за изјаснување по етничка припадност.