Во вториот круг од претседателските избори, кои требаше да се одржат во недела, екстремно десничарскиот и проруски кандидат Георгеску требаше да се соочи со лидерката на проевропските центристи Елена Ласкони
Врховниот суд на Романија денеска ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори, додавајќи дека целиот изборен процес ќе мора да се повтори.
Вториот круг требаше да се одржи во недела, а веќе се гласа на избирачките места во странство.
Со оглед на тоа што анкетите му даваа едноцифрени гласови пред првиот круг, кандидатот Калин Георгеску ја потврди победата што покрена прашања за тоа како е можно вакво изненадување во земја членка на Европската Унија и НАТО.

Во документите, кои беа декласифицирани од страна на највисокиот совет за безбедност на Романија во средата, се вели дека земјата била цел на „агресивни хибридни руски напади“ за време на изборниот период.
Сè почнува од нула
„Изборниот процес целосно ќе се повтори, а Владата ќе утврди нов календар на чекори што треба да се преземат“, се вели во соопштението на судот.
Во вториот круг од претседателските избори, кои требаше да се одржат во недела, екстремно десничарскиот и проруски кандидат Георгеску требаше да се соочи со лидерката на проевропските центристи Елена Ласкони.
Екстремно десничарските партии исто така постигнаа добри резултати на парламентарните избори минатата недела, иако владејачките социјалдемократи освоија најголем број места и се надеваат дека ќе формираат проевропска коалициска влада.
Судот не го доведе во прашање интегритетот на гласањето на парламентарните избори.
Кој е победникот од првиот круг на сега поништените избори
Екстремно десничарскиот кандидат, близок до Русија, изненадувачки го освои првото место во првиот круг од романските претседателски избори. По пребројувањето на гласовите, резултатите покажаа дека ултранационалистот Калин Георгеску освоил 22,94 отсто од гласовите. Со него во вториот круг влезе и реформаторската кандидатка Елена Ласкони која освои 19,18 отсто од гласовите, додека предизборниот фаворит, актуелниот премиер, со 19,15 отсто од гласовите, не влезе во вториот круг.
Силното напредување на Георгерску, кој нема своја партија и водеше кампања главно на Тик-ток, е огромно изненадување на изборите.
Десничар против ЕУ, НАТО и Украина
Георгеску вети дека ќе го зајакне суверенитетот на Романија и вети дека ќе стави крај на, како што тој вели, потчинетоста на Европската Унија и НАТО, особено за поддршка на Украина. Тој го осуди балистичкиот ракетен одбранбен штит на НАТО во Девеселу, Романија.
„Економската неизвесност што му е наметната на романскиот народ веќе 35 години сега стана неизвесност за политичките партии“,
рече Георгеску во својата прва реакција по затворањето на гласачките места.
Тој го нарече овој резултат чудесно будење на романскиот народ.
Георгеску е сило религиозен и националистички ориентиран. Тој се залага за намалување на зависноста на Романија од увоз, поддршка на земјоделците и зголемување на домашното производство на храна и енергија. Тој, исто така, тврди дека ЕУ и НАТО не ги претставуваат најдобрите интереси на Романија и дека војната во Украина се манипулира од американски воени компании.
Во 2022 година, тој изјави дека американскиот противракетен штит лоциран во романското село Девеселу е дел од политиката на конфликт, а не мирна мерка. Истото го тврди и рускиот претседател Владимир Путин. Тој тогаш рече дека не ужива поддршка од Русија, но се чувствува близок со нејзината култура. Тој го опиша Путин како „човек кој ја сака својата земја“.
Ѝ се восхитува на Унгарија
Георгеску рече и дека ѝ се восхитува на Унгарија бидејќи знае да преговара на меѓународно ниво. Тој е универзитетски професор и меѓународен консултант за одржлив развој кој работи повеќе од десет години за различни организации на Обединетите нации.
Тој го користеше Тик-ток за да ги собере гласачите околу себе.
„Тој успеа да ги привлече со комбинација на месијански говор, изнесен на елегантен начин, со цел да ги искористи фрустрациите на луѓето“,
вели политичкиот аналитичар Раду Магдин.
Георгеску привлече тешки критики за неговите претходни коментари за поддршка на романското фашистичко движење од 20. век, но ги отфрли обвинувањата дека е антисемитист. Во текот на изминатата деценија, неколку пати се шпекулираше дека е потенцијален премиер на различни партии.
@calingeorgescuoficial MESAJUL CARE VA SCHIMBA ISTORIA POLITICĂ A ROMÂNIEI! Sub numele meu, un popor întreg, UNIT. Sub soarele iubirii și al credinței punem ROMÂNIA și ROMÂNII pe primul loc de fiecare dată! Împreună #RefacemRomânia ♬ sunet original – calingeorgescu