Во следните два до три дена, како што додаде Ангелов, тие ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици и ќе започнат со најмалку дводневна обука во чие времетраење ќе се изврши селекција
Најмал интерес за пријавување на јавниот оглас за привремено ангажирање лица што ќе учествуваат во справување со пожарите има во Скопје, информира на денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Рокот за пријавување на овој повик завршува денеска. Пријавените ќе бидат контактирани, по што ќе треба да поминат дводневна обука, во чии рамки ќе биде направена нивна селекција.
Досега се пријавени помалку од 500 кандидати во целата држава, а во Скопје околу 50, иако, како што вели Ангелов, очекувале бројка од 80 лица.
„Во овој момент имаме нешто помалку од 500 пријавени кандидати на територија на државата. Нам ни се потребни 400. За жал, бројката во Скопје е нешто помала, под 50, а очекувавме 80 лица“,
вели тој.
Во следните два до три дена, како што додаде, тие ќе бидат повикани во локалните територијални противпожарни единици и ќе започнат со најмалку дводневна обука, во чие времетраење ќе се изврши селекција.
„Најдобрите од овие лица понатаму ќе имаат можност да бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици или во Дирекцијата за заштита и спасување, а најдобрите во текот на наредниот период во Единицата за рамки на ДЗС“,
рече Ангелов.
Во Специјализираната единица што ќе биде формирана, платите на вработените ќе бидат повисоки во однос на платите на пожарникарите, зашто овие лица ќе бидат ангажирани на тешко пристапни терени.
Според Ангелов, во таа единица сите припадници би биле помлади и физички подготвени на едно сосема друго ниво за да можат да одговорат на најтешки и најсложени задачи.
Сегашниот ангажман за 24 илјади денари, според Ангелов, е форма на доброволно приклучување на владината мерка со цел да се направи селекција и да се изберат оние што ќе бидат вработени во противпожарните единици, каде што платите изнесуваат над 40 илјади денари.
До 18:30 часот се регистрирани 21 пожар, од кои 11 се изгаснати, шест се активни, а четири се ставени под контрола.