Дека земјата нема такви намери, потврдија портпаролот на полската влада Пјотр Милер и шефот на полското Биро за национална безбедност Павел Солох, откако американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакна дека САД ѝ дава зелено светло на Полска да ѝ помогне на Украина со испраќање авиони
И покрај американското „зелено светло“ за Полска да ѝ помогне на Украина со испраќање борбени авиони, Варшава инсистира дека таквата одлука ќе мора заеднички да ја донесе НАТО.
Дека земјата нема такви намери, потврдија портпаролот на полската влада Пјотр Милер и шефот на полското Биро за национална безбедност Павел Солох.
„Ако е потребна одлука за испраќање авиони во Украина, мора да има договор во целото НАТО. Не сум слушнал ништо за никакво зелено светло од НАТО за таква одлука. Нема одлука за потенцијално испраќање авиони во Украина“,
изјави Милер синоќа за ТВ Полсат по повикот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД и дава зелено светло на Полска да ѝ помогне на Украина со испраќање авиони.
Милер повторно ја демантираше веста дека украински борбени авиони би можеле да полетаат од територијата на Полска, наведувајќи дека „нема ништо такво“.
Шефот на Бирото за национална безбедност Павел Солох денеска за приватната полска телевизија Н24 изјави дека кога се во прашање борбените авиони нема никакви одлуки.
„Како што потврди владата, не планираме да ги испратиме“,
истакна Солох.
Вчера, американскиот државен секретар Антони Блинкен истакна оти САД активно ја разгледуваат можност за договор со Полска да ѝ даде воени авиони од руско производство на Украина.
„Сега активно го разгледуваме прашањето за авионите што Полска може да ги обезбеди за Украина и гледаме како би можеле да ѝ надополниме доколку Полска одлучи да ги испорача тие авиони“,
изјавил Блинкен, а пренесе Би-би-си.
Претходно, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, побара авиони од соседите и земјите од НАТО како дел од помошта за испорака на оружје за Украина.