Литванија и Летонија на крајот на септември почнаа со изградба на ограда на границата со Белорусија за да ги спречат илегалните мигранти да влезат во Европска Унија преку нејзините надворешни граници
Владите во Вилнус, Рига и Варшава ја обвинуваат Белорусија дека им помага на бегалците од воените зони да стигнат до надворешната граница на ЕУ и со тоа сакаат да создадат мигрантска криза
Полска планира трајно да ја зајакне границата со Белорусија по зголемениот прилив на мигранти од овој свој сосед, изјави министерот за внатрешни работи Мариуш Камински, јави ДПА.
Полските војници во август годинава почнаа со изградба на ограда со височина од 2,5 метри долж границата со Белорусија, откако се поголем број луѓе почнаа да се обидуваат илегално да влезат во земјата на ЕУ преку оваа авторитарна земја.
Министерот Камински синоќа соопшти дека граничната одбрана мора дополнително да се зајакне со кревање „цврста, висока бариера опремена со систем за надзор и детектори за движење“, пренесе ДПА.
Полската Влада намерно избегна изградбата на оваа „бариера“ или „барикада“ да ја нарече со нејзиното вистинско име – „ѕид“.
Планот е веќе договорен од владата и сега оди на одобрување во парламентот.
Владејачката десничарска партија „Право и правда“ нема мнозинство во парламентот, но се верува дека мнозинството пратеници ја поддржуваат мерката за граница.
За овој проект е наменет буџет во износ од 423 милиони долари, а изградбата на ѕидот ќе го надгледува полската Погранична служба.
Варшава го обвинува белорускиот лидер Александар Лукашенко дека организирано ги носи бегалците од кризните региони до надворешната граница на ЕУ.
Полска во август распореди стотици војници на границата со Белорусија за да им даде поддршка на граничарите поради приливот на мигранти кои сакаат да влезат во земјата.
Литванија и Летонија на крајот на септември почнаа со изградба на ограда на границата со Белорусија за да ги спречат илегалните мигранти да влезат во Европска Унија преку нејзините надворешни граници.
Владите во Вилнус и во Рига ја обвинуваат Белорусија дека им помага на бегалците од воените зони да стигнат до надворешната граница на ЕУ и со тоа сакаат да создадат мигрантска криза.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко ја предупреди ЕУ кон крајот на мај дека неговата земја повеќе нема да ги спречува мигрантите да пристигнуваат во ЕУ, како одмазда за санкциите од Западот против Минск.
Литванија, Летонија и Полска се соочуваат со бран илегални мигранти од Блискиот Исток што ги преминуваат нивните граници. Трите држави прогласија вонредна состојба во пограничната зона.
