Земајќи ја предвид фактичката состојба дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи, вели Меџити

Пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението секојдневно консумира цигари и производи од тутун, покажуваат резултатите од направените студии за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот.
Министерот за здравство Фатмир Меџити, на националната презентација на резултатите добиени од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот, како и презентација на статусот со инвестициите во тутунот во земјава, рече дека студии од овој тип по првпат се спроведуваат на национално ниво и служат за планирање на идните стратегиски чекори, како и за подигнување на јавната свест во правец на зајакнување на националните активности за контрола на употреба на тутунот и тутунските производи.
Според Меџити, земајќи ја предвид фактичката состојба дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.
„Со нашите партнери разгледуваме креирање нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“,
вели Меџити.
На денешниот настан, организиран во пресрет на 31 Мај – Светскиот ден без тутун, учествувале и Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во земјава и Сузана Ахмети-Јањиќ, раководител на секторот за инклузивен просперитет во УНДП.