Лидерот на СДСМ, Венко Филипче пред два дена од Македонски Брод рече дека тој и луѓето околу него не глумат лажни патриоти, како тие од власта, од кои половина, обвини дека имаат бугарски пасоши
Половина од министрите на премиерот Христијан Мицкоски имаат бугарски пасоши, а тој и неговите соработници се заплеткани во бугарски бизнис интереси, обвинија денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) откако вчера пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски рече дека токму лидерот на опозицијата е синоним за милионски шеми со бизниси и фирми кај источниот сосед.

„Водат фирми во Бугарија, прават зделки за лична корист и додека се богатат, граѓаните ги оставаат во сиромаштија“,
соопштија од СДСМ.
Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ може секој ден да го пушта редовниот лажго, Бране Петрушевски да штанца соопштенија со лажни обвинувања за СДСМ, но не може да се побегне од вистината дека Мицкоски и неговите соработници се заплеткани во бугарски бизнис шеми.
„Да потсетиме дека фотографии од ручеци и средби со бугарскиот олигарх Волканов има Христијан Мицкоски, нема Венко Филипче. Токму Волканов, кој ја загадува Крива Река, е пријател на Мицкоски, а не на СДСМ. Токму во неговите фирми, директори се функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се нивните вистински интереси, тоа се нивните вистински бизнис зделки“,
велат од опозициската партија.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче пред два дена од Македонски Брод рече дека тој и неговите соработници не глумат лажни патриоти, како тие од власта, од кои половина, обвини дека имаат бугарски пасоши.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски вчера му порача на Филипче дека нема право некого да обвинува за лажење и бугаризација, оти токму тој е синоним за милионски шеми со фирми во Петрич.