Печатените медиуми во земјава, односно 11 од нив, и годинава ќе добијат „субвенции“ од државниот буџет. Исто како и лани, вкупната сума која ќе заврши кај весниците е 30 милиони денари или близу половина милион евра.
Одлуката ја донела Владата на денешната седница, а единственото што засега го сподели извршната власт е следното:
„Владата денеска ја донесе Одлуката за одобрување средства од Буџетот за 2021 година за реализација на Програмата за поддршка за печатените медиуми.
Согласно одлуката, 30 милиони денари ќе им бидат распределени на 11 медиумски компании кои ги исполниле условите на јавниот повик за поддршка за печатење и дистрибуција“,
се вели во соопштението по денешната владина седница.
Рокот до кој печатените медиуми имаа право да се пријават за поддршка беше 6 декември 2021 година. Апликантите, меѓудругото, мораа да ги исполнуваат следните услови:
- Печатените медиуми да имаат подмирени јавни давачки за календарската 2020 година;
- Да немаат отворена постапка за стечај;
- Да немаат отворена постапка за ликвидација;
- На печатениот медиум да не мy e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- На печатениот медиум да не мy e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- На печатениот медиум да не мy e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност;
- Печатените медиуми да се регистрирани во Регистарот на издавачи на печатени медиуми во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми;
- Печатените медиуми да се печателе и дистрибуирале на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на јавниот повик и
- Печатените медиуми последните три години до денот на објавувањето на јавниот повик во континуитет да се продавале на пазарот.
Кога пред четири годни првпат беше презентирана оваа мерка, владата ја објасни со потребата од поддршка во насока на заштита на плурализмот во областа на медиумите. Лани, освен вкупната сума на пари, Владата објави и кои медиуми и колку вкупно средства добиле. Засега, нема такви информации за овогодинешните добитници.
Минатата година, печатени медиуми кои добија позначајна поддршка од Буџетот (над 1 милион денари) беа:
- Слободен печат – 236 400 евра;
- Вечер – 137 400 евра;
- Нова Македонија – 110 600 евра;
- Коха – 81 000 евра;
- Фокус – 75 200 евра;
- Капитал – 34 100 евра.