При постапувањето, полицијата освен одземените пет луксузни возила издала и осум прекршочни платни налози

Повеќе од 500 лица и околу 120 спортски и луксузни возила ноќеска затекнала полицијата на паркинг во Струга по претходна пријава за нарушен јавен ред и мир предизвикани од бучава. При постапувањето, полицијата одзела пет луксузни возила и издала осум прекршочни платни налози, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Охрид.
Според информацијата, нарушувањето на јавниот ред и мир било во периодот од 00:30 часот до 2 часот.
„Веднаш по пријавување на случајот, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Струга излегоа на местото и затекнаа повеќе од 500 лица и околу 120 спортски и луксузни возила со кои, наводно ќе изведувале автоизложба“,
се додава во соопштението.
Лицата што биле затекнати не постапиле по наредбите на полициските службеници, по што биле ангажирани дополнителни служби и состојбата била ставена под контрола.
„Притоа, биле одземени пет возила по член 344 од Законот за безбедност на патниот сообраќај, а по констатирани други прекршоци од ЗБСП, издадени се осум прекршочни платни налози“,
додаваат од полицијата.

Оттаму додаваат дека по целосно расчистување и документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Од струшката полиција велат дека при засилени сообраќајни контроли во патниот сообраќај пред неколку дена биле одземени четири патнички моторни возила.