Полицаецот Беким Исмани во текот на вчерашниот ден спаси девојка која сакаше да си го одземе животот во мотел во Тетово
По вчерашниот настан во Тетово, во кој полициски службеници спречија млада девојка да скокне и да си го одземе животот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари средба со полицаецот Беким Исмани, кој ја спасил девојката, а кој притоа бил повреден од нож кој девојката го држела в рака.

Тошковски напиша оти благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност и оти полицаецот Исмани ќе биде соодветно награден за неговата храброст.
„Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот. Во рамки на законските можности, ќе го наградам колегата Беким Исмани како признание за неговата храброст, професионализам и несебично постапување“,
напиша Тошковски.
Инаку, вчера, полициски службеници од Тетово спасија млада девојка која сакала да скокне од прозорец на мотел во Тетово. На ситуацијата ѝ претходело недоразбирање помеѓу маж со иницијали Л. К. и девојката, а подоцна мажот бил уапсен за посредување при проституција.
„Денеска, во 14.35 часот по претходна пријава од Л. К., дека по недоразбирање со женско лице кое не сака да го напушти мотелот, од страна на полициските службеници од СВР Тетово на лице место било констатирано дека женско лице стоело на работ на прозорот од собата на хотелот со закана дека ќе скокне или ќе се самоповреди со остар предмет кој го држела во раката. По наредба на јавен обвинител полициските службеници насилно ја отвориле вратата на собата и ја спречиле девојката во својата намера. Таа е пренесеа во Клиничката болница во Тетово за укажување лекарска помош. Во меѓувреме, полицијата го лиши од слобода Л. К. под сомнение за посредување на проституција. Во акцијата еден полициски службеник е полесно повреден“,
соопштија вчера од МВР.