Синовите на Дилавер Бојку, Ербен и Бесник, вечерва се уапсени во полициската акција „Бегалец“. Припадници на Специјалната единица на МВР заедно со полициски службеници од Одделот за потраги, ги пресретнале браќата на регионалниот пат Струга-Дебар на влезот во селото Велешта. Биле опколени со возилата на полициските службеници и лишени од слобода. Двајцата браќа биле вооружени со пиштоли.
Ербен Бојку се бараше по три централни и една меѓународна потерница по наредба на Основниот суд во Струга за убиство, нелегална трговија со оружје и други кривични дела. Вкупната затворска казна за Ербен Бојку е 21 година.
Бесник Бојку е приведен поради поседување на оружје.
Против двајцата браќа кои сега се уапсени, во 2017 година беа покренати и кривични пријави за напад врз новинарот Никола Шутиноски, дописник на весникот Дневник од Струга.
Таткото на приведените, Дилавер Бојку – Леку, беше познат осуденик за нелегална проституција во селото Велешта, Струшко. Тој, во август 2017 година сред бел ден беше убиен во Струга, пред својата кафеана во близина на старата автобуска станица.
Повеќе детали за вечерашната полициска акција од МВР најавуваат за утре.
