Полицијата вчера запленила три торби со 54 пакувања марихуана чија вредност, според првичните процени, е 150 000 евра. Приведени се пет лица, меѓу кои и двајца поранешни вработени во МВР, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Станува збор на меѓународен канал за шверц на дрога од Албанија, преку Северна Македонија, а со крајна дестинација во Грција.
Од МВР велат дека од минатиот месец почнале истрага за групата инволвирана во меѓународниот транспорт на марихуаната, чиј организатор е 50-годишен маж од Гевгелија. Полицијата ја спровела акцијата вчера, откако претходно добила информации дека од 19 јули се подготвува пренос на поголема количина на марихуана.

„Вчера, И.К. (37) од Гевгелија, З.Б. (52) од село Грчиште и Д.С. (27) од село Марвинци со возило ’опел вектра‘ со гевгелиски таблички се упатиле кон Јанковец-Ресен, каде оствариле средба со Д.Д. (38) од село Ливата-Струга, кој пристигнал со возило ’опел вектра‘ со ресенски таблички, а во кое ја донел и претходно обезбедената марихуана. Тоа возило било преземено од Д.С. и тој се упатил од Јанковец во правец на Градско, а И.К. и З.Б. со возилото со гевгелиски таблички се движеле пред него во улога на чистачи“,
велат од МВР.
Полицијата ги запрела и ја пронашла марихуаната. Дополнително, биле направени и повеќе претреси на подрачје на Гевгелија, Валандово и Струга.
Кај еден од осомничените се пронајдени и одземени и две ловечки пушки, пиштол и муниција за кои немал дозволи.
За активностите на полицијата известено е и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, до кое МВР ќе поднесе кривична пријава.