Во претресот по налог на ОЈО Скопје, полицијата обезбедува два записника со цел проверка на евентуални елементи на кривично дело
По наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, полициски службеници попладнево постапуваат во Судскиот совет, информираат од Јавното обвинителство на РСМ и од МВР. Оттаму соопштија дека полицијата обезбедува два записника со цел проверка на евентуални елементи на кривично дело.
Од Обвинителството појаснуваат дека претресот во Судскиот совет не е поврзан со штотуку формираниот предмет за „црната листа“ на САД, туку се однесува на известување од Министерството за внатрешни работи во кое е побарана наредба за обезбедување записници од седница на Советот во врска со мандатот на доскорашната претседателка Весна Дамева, која неодамна поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна од собраниската говорница рече дека добива информации од свиркачи за она што се случува во Судскиот совет, меѓу другото, за наводни фалсификувани записници.
„Таму има еден клан од двајца, еден од тројца, една е сама. Добивам документи од свиркачи за фалсификувани записници со различни дати, различни печати, без потписи. И ако тоа не е основа за јавниот обвинител да влезе и да провери, не знам кој глас треба да допре до Обвинителството за да постапи“,
изјави премиерот на 28 ноември на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Набрзо по изјавата на Мицкоски, претседателката на Судскиот совет поднесе неотповиклива оставка од функцијата, а како причина за оставката, меѓу другото, наведе дека од страна на одредени политичари од власта се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во таа насока, директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.