Меѓу пронајдените деца имало и деца под една година. Извор за „кликс.ба“ изјавил дека децата ги чувала жена, најверојатно италијанска државјанка
Полицијата и надлежните служби пронашле 31 дете во куќа во Брчко, Босна и Херцеговина, дознава „кликс.ба“.

Според порталот, децата имале хрватски пасоши, а три лица се уапсени поради сомнение дека сториле повеќе кривични дела, меѓу кои и трговија со луѓе. ФТВ објави дека меѓу уапсените има и судски полицаец и неговата мајка.
„Како дел од досегашните активности, уапсени се три лица осомничени за сторени кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на дете. Истрагата за инцидентот е во тек. Имајќи ги предвид законските одредби за постапките во кривичните случаи против сторителите на кривични дела против деца и малолетници, но и универзалните права на детето, ве потсетуваме на обврската да се однесуваме со особена претпазливост, со цел да се избегнат понатамошни штетни последици и да се заштитат интересите на детето“, изјавиле од полицијата на Брчко, пренесе „кликс.ба“.
Меѓу пронајдените деца имало и деца под една година. Извор за „кликс.ба“ изјавил дека децата ги чувала жена, најверојатно италијанска државјанка.
Како што соопштија од окружната полиција Брчко, преземајќи активности од нивна надлежност, полициски службеници вчера, под надзор на Окружното обвинителство Брчко на БиХ и во соработка со Одделот за социјална заштита и Црвениот крст, пронашле поголем број деца и ги однеле на безбедно место.
Истрагата е во тек.