Според министерот, доколку се утврди дека станува збор за дивоградба, дека претставува опасност по животот на граѓаните, таа треба да биде предмет на уривање
Полициски службеници од повеќе оддели на Министерството за внатрешни работи (МВР) влегоа во повеќе општини во рамки на Градот Скопје, постапувајќи по конкретни наредби дадени од јавен обвинител, а поврзани со бесправна градба. Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на новинарско прашање во кои општини се „чешлаат“ дивоградби и дали припадници на полицијата влегле во Општина Чаир.

Со цел за обезбедување докази за бесправна градба, полицијата, како што информира министерот, влегла во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода.
„Една од општините во кои во текот на вчерашниот ден е влезено од страна на Одделот за организиран криминал е Општина Чаир, како и во Општина Сарај. Полициски службеници вчера влегле и во Општина Аеродром за да обезбедат одредени докази поврзани со бесправна градба. Колку што имам информации, вчера или денеска ќе се влезе и во Општина Кисела Вода“,
кажа тој одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандум за соработка со Црвениот крст.
Посочи дека засега не може да сподели детали во врска со прибавени официјални документи од страна на општините и додаде дека ова се тековни активности на полицијата, по кои секојдневно се постапува.
„Ова не е дека јавноста сега има интерес за конкретната тема и МВР постапува. Ова се тековни активности, по кои секојдневно постапуваме“,
вели Тошковски.
На прашањето што ќе се прави со одредени објекти доколку се утврди дека се незаконски изградени, Тошковски рече дека ќе се постапува согласно закон.
„Доколку се утврди дека станува збор за дивоградба, дека истата претставува опасност по животот на граѓаните, секако дека треба да биде предмет на уривање“,
вели министерот.
Изминатиот период градоначалничка Данела Арсовска постојано во јавноста презентира случаи со дивоградби во Општина Чаир. Тошковски вели дека полицијата постапува по сите предмети во кои добива наредба од Јавното обвинителство или каде имаат соодветни информации и самите преземаат одредени дејствија.