Полицијата вчера пронашла марихуана при претреси во струмичко Банско и во Гевгелија, при што вкупно три лица се лишени од слобода

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека вчера се лишени од слобода две лица од струмичкото село Банско кај кои била пронајдена опојна дрога марихуана.
Според полицијата, двајцата се на возраст од 36 и 20 години.
„На 17.5.2025 г. во село Банско, Струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода Г.Д. (36) од село Банско. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени повеќе пакувања со марихуана и предмети со остатоци од марихуана. По дополнително преземени мерки и извршен службен разговор со Г.Д., било констатирано дека дрогата ја поседувал заедно со Д.К. (20) од село Банско, кој потоа, исто така, бил лишен од слобода. За настанот бил информиран јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, лицата биле задржани во полициската станица Струмица и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“,
соопшти МВР.
Полицијата информира дека вчера марихуана била пронајдена и во Гевгелија и тоа во автомобилот на 20-годишен гевгеличанец.
„На 17.5.2025 г. во 13.25 часот во Гевгелија полициски службеници од СВР Струмица, ОВР Гевгелија, го лишиле од слобода Б.Т. (20) од Гевгелија. При преглед на патничко возило ‘мини’ со гевгелиски регистарски ознаки, Б.Т. од возилото фрлил кутија со марихуана, која е пронајдена и одземена. Потоа, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес во домот на Б.Т., при што биле пронајдени повеќе семки од растението канабис, предмети со остатоци од марихуана и дигитална вага со остатоци од марихуана. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот против Б.Т. ќе биде поднесена соодветна пријава“,
велат од МВР.