Палењето на огнометот се случи вчеравечер за време на, како што информираат од МВР, роденденска прослава во угостителски објект во градскиот парк во Скопје
Скопската полиција приведе две лица – и двете на 18-годишна возраст – кои вчера го организирале палењето на огнометот во Скопје, кога во целата држава е прогласена седумдневна жалост поради трагедијата во Кочани.

За ова утринава информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што посочуваат дека полицијата постапила веднаш откако во 21:25 часот вечерта било пријавено дека во градскиот парк во Скопје има огномет и оти не се почитува владината одлука за седумдневна жалост.
„Од страна на полициските службеници на СВР Скопје веднаш е постапено и утврдено е дека во угостителски објект во градскиот парк била организирана роденденска прослава, при што од страна на М. Ф. (18) и М. Ф. (18), двајцата од Скопје, бил запален огнометот“,
информираат од МВР.
Од Министерството додаваат дека двајцата се приведени и задржани во полициска станица во врска со членот 387 од Кривичниот законик, а по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Прекршувањето на членот 387 од Кривичниот законик, поради кој 18-годишниците се задржани во станица, е во групата кривични дела против јавниот ред и гласи:
„(1) Тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.“