Maжот бил приведен синоќа во 1:10 часот во Скопје, на подрачјето на Бит-пазар, а е задржан во Полициска станица Куманово
Триесет и петгодишен кумановец синоќа е приведен во врска со случајот од пред три дена, кога беа опожарени три возила и дуќан во Куманово. Maжот бил приведен синоќа во 1:10 часот во Скопје, на подрачјето на Бит-пазар.

„По претходно добиени оперативни информации и координација на СВР Куманово со Одделот за криминалистичка полиција при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Ф. А. (35) од Куманово“,
информираат утринава од МВР.
Триесет и петгодишникот, кој е осомничен за опожарување на три возила и еден деловен објект, е задржан во Полициската станица Куманово. По расчистување на случајот, МВР ќе поднесе соодветна пријава против него.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера изјави дека за разлика од инцидентите во Скопје кога беше сквернавено државното знаме, зад овој случај најверојатно стои добро организирана група.
Едно од трите возила што беа запалени во понеделникот во Куманово е на јавниот обвинител Џелал Бајрами, а според информации на „360 степени“ другото возило е на близок роднина на пратеник и функционер на ДУИ. Опожарениот дуќан, односно фотокопирница, е на советникот во Советот на Општина Куманово од редовите на ДУИ, Фитор Јакупи.