Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР детектираше постоење на наводна кампања во која лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Со кликнување на линкот кој се нуди, а потоа преку сите линкови кои се појавуваат на страната ве пренасочуваат кон страната https://yuan-payments.com/ која е хостирана во Украина, потенцираат од МВР.
Објаснуваат дека откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица ги контактираат преку телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побрзо да се инвестира во новата кинеска криптовалута бидејќи цената расте секој момент.
„Од страна на СККДФ беа направени проверки на веб-страницата и е утврдено дека како регистрант се јавува лицето Васил Димарев од Русија. Текстовите и статиите на интернет страната се убедливо напишани, а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума која ја бараат за инвестиција е 250 долари, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства“,
информираат од МВР.
МВР апелира граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да преземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.
