Од МВР велат дека станува збор за стандардни мерки по ваква пријава
Полицијата постапува по пријава за напад, откако лице се јавило во 16:45 во билетарницата на Македонскиот народен театар (МНТ), информираат од МВР.
По пријавата евакуирани се неколку институции во центарот на Скопје.
„Станува збор за стандардни мерки на МВР по ваква добиена пријава. Веднаш штом ги завршиме проверките и јаиспитаме веродостојноста на информацијата, соодветно ќе ја известиме јавноста. Апелираме граѓаните да останат смирени, а медиумите да ги пренесуваат официјалните и точни информации“,
наведуваат од МВР.
Неколку објекти, меѓу кои и зградата во која се сместени МИА, СЕП, ДКСК, Финансовата полиција, Инспекторатот за животна средина, вечерва се евакуирани. На вработените, како што јави МИА, им е кажано веднаш да излезат од објектите.
Испразнети се и зградите на А1, на МНР и соседните објекти во центарот на Скопје. Полицијата не дозволува движење на луѓе и возила кон ТЦ „Мавровка“, МНТ и МРТ, а блокирани се и околните улици и крстосници. Забалежливо е зголемено присуство на полицијата и полициски возила.
Според неофицијални информации станува збор за дојава за подметната бомба.