Во неколкучасовна контрола во текот на ноќта во Тетово, откриени се лица без ковид-потврди како и без документи за идентификација
Во контрола на полицијата и пазарната инспекција во Тетов од 23 часот до 2 часот по полноќ во четири угостителски објекти откриени се четири лица кои немале сертификати за вакцинација против ковид-19, соопшти СВР Тетово.
„При контролата, во угостителски објект на улица ‘Димо Гавровски-Кара’ биле затекнати и со соодветни поднесоци санкционирани четири лица од тетовските села Шемшово, Нераште, Мала Речица и Џепчиште, кои не поседувале сертификати за примена вакцина против ковид-19 и две лица без документи за идентификација. Двете лица без документи се приведени во Полициска станица Тетово за натамошна постапка, а санкции ќе следуваат и за угостителскиот објект“,
соопшти Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Во угостителски објект на улица „Маршал Тито“ бил затекнат еден малолетник и нему ќе му биде изготвен поднесок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Полициски службеници од СВР Охрид и претставници од Управата за јавни приходи, на подрачјето на Охрид, синоќа извршиле контрола во 17 угостителски објекти при што затекнале четири малолетни лица кои биле во угостителски локал по 24 часот, едно лице со лажен сертификат за извршена вакцинација и три лица без сертификати за извршена вакцинација.
Претставниците од УЈП, кај повеќе угостителски објекти, констатирале низа неправилности во готовински промет. По овие основи, против физичките и правните лица, ќе бидат поднесени соодветни пријави, соопштија од СВР Охрид.
