Властите не веруваат дека има други осомничени вклучени во пукањата

Осумнаесетгодишник е осомничен за пукањето во кое загинаа осум лица, а десетици беа повредени во Британска Колумбија, Канада, пишува Би-би-си.
Според информациите од полицијата, осомничениот Џеси Ван Рутселар е пронајден мртов на местото на настанот од самонанесена прострелна повреда. Мотивот за нападот сè уште не е познат.
Шест лица се убиени, а најмалку 25 други се повредени во средното училиште во градот Тамблер Риџ. Други две лица, 39-годишната мајка на осомничениот и неговиот 11-годишен полубрат, се пронајдени мртви во куќа во близина на училиштето.
Властите соопштија дека Ван Рутселар е роден како биолошки маж, но идентификуван како жена.
Заменик-комесарот на Кралската канадска коњичка полиција, Двејн Мекдоналд, вели дека прво се случило пукањето во куќата, а потоа осомничениот отишол во училиштето.
Жртвите во училиштето се 39-годишна наставничка, три ученички, сите на возраст од 12 години, и двајца ученици, едниот на возраст од 12, а другиот на 13 години.
Полицијата соопшти дека најмалку две од повредените лица се во сериозна состојба.
Властите не веруваат дека има други осомничени вклучени во пукањата.
Полицијата соопшти дека во текот на изминатите неколку години повеќе пати го посетила семејниот дом на осомничениот, а некои повици биле поврзани со проблеми со менталното здравје.
Полицијата соопшти дека Ван Рутселар се откажал од средното училиште Тамблер Риџ пред четири години.
Во градот Тамблер Риџ има околу 2 400 жители. Оддалечен е околу 1 200 километри од Ванкувер и е близу до границата со Алберта.
Во вчерашниот говор пред Долниот дом, канадскиот премиер Марк Карни го опиша Тамблер Риџ како „град на рудари, наставници, градежни работници – семејства кои го изградиле својот живот таму, луѓе кои секогаш биле тука едни за други“.
Тој исто така прогласи седумдневна национална жалост.
