Според адвокатите на новинарот на Н1, Бранислав Шовљански, постојат индиции дека тој бил запрен од полицијата и подложен на тестот за наркотици поради природата на неговата работа и поради критиките што ги упатува кон највисоките политички функционери во Србија. Приведувањето поради наводната неисправност на апаратот за тестирање, пак, според нив, е невообичаено и отвора сомнеж за манипулација на резултатите од тестот
Адвокатската канцеларија која го застапува новинарот Бранислав Шовљански од српската телевизија Н1 соопшти дека се нотирани многубројни прекршувања на постапката и правата на новинарот кој вчера беше приведен по контрола од сообраќајната полиција во Белград поради наводно присуство на наркотици во крвта.

Според адвокатите на Шовљански, постојат индиции дека тој бил запрен од полицијата и подложен на тестот за наркотици поради природата на неговата работа и поради критиките што во своите емисии ги упатува кон највисоките политички функционери во Србија. Приведувањето поради наводната неисправност на апаратот за тестирање, пак, според адвокатите, е невообичаено и отвора сомнеж за манипулација на резултатите од тестот.
„Во одлуката за притворот изменета е клучната информација. Па така, претходно напишаниот збор бил коригиран и последователно стои напишан зборот ‘позитивен’, од што заклучуваме дека претходно било напишано ‘негативно’ на психоактивни супстанции“,
посочуваат од адвокатската канцеларија која го застапува новинарот на Н1.
Адвокатите дополнително посочуваат дека Шовљански не добил пристап до резултатите од тестирањето ниту, пак, му било дозволено, согласно законот, да биде прегледан од лекар по свој избор.
„Сето наведено укажува на многубројни прекршувања на постапката и правата на Бранислав Шовљански. Тој ќе ги заштити своите права во понатамошната постапка со сите законски средства, вклучително и барањето земените примероци да бидат замрзнати, а потоа и вештачени со помош на ДНК-методот за да се утврди потеклото, како и со користење токсиколошки методи за да се утврди дека примероците не содржат психоактивни супстанции“,
соопштија адвокатите на Шовљански.
Новинарот на српската телевизија Н1 тврди дека случајот е монтиран и најави дека ќе го продолжи на суд.
