Според Министерството за внатрешни работи, по преземените мерки и извршените вештачења во Одделот за форензички испитувања било утврдено дека оружјето е на Х.С. (29) од Куманово, кој во неделата бил уапсен на граничниот премин „Долно Блаце“
Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје го расчистил случајот со оружјето кое на 18 декември беше пронајдено на територијата на Арачиново, а во врска со кој е уапсен 29-годишен жител на Куманово.

Лицето со иницијали Х.С. во неделата било уапсено на граничниот премин „Долно Блаце“ и по итна постапка му е поднесена кривична пријава, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Еден ден подоцна, односно во понеделникот (30 декември), тоа било изведено пред судија на претходна постапка, кој му одредил 30-дневен притвор.
На 18 декември во полициска акција покрај локален пат од селото Орланци кон селото Никуштак беа пронајдени девет автоматски пушки, еден пушкомитралез и поголемо количество муниција.
„По преземени соодветни мерки и активности и извршени вештачења во Одделот за форензички испитувања, утврдено е дека оружјето е на Х.С. (29) од Куманово. На 29.12.2024 Х.С. е лишен од слобода на граничниот премин ‘Долно Блаце’, а од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје поднесена е кривична пријава по итна постапка и на 30.12.2024 од судија на претходна постапка му е изречена мерка 30-дневен притвор“,
се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.