Во меѓувреме шефот на полицијата во Манчестер, Стивен Вотсон, соопшти дека идентитетот на сторителот е утврден, но оти е уште прерано тој да биде јавно соопштен
Британската полиција задолжена за борба против тероризам попладнево соопшти дека нападот врз синагогата во Манчестер, во кој според информациите се убиени две лица, е прогласен за терористички инцидент, јавуваат медиумите во земјата.

Ова, како што пренесоа Би-би-си и „Гардијан“, го соопштил помошник-комесарот и национален раководител на антитерористичката полиција, Лоренс Тејлор, на прес-конференција. Тој дополнително навел дека нападот врз еврејската заедница во Манчестер на денот кога се одбележува најсветиот еврејски празник Јом Кипур е разочарувачки и дека полицијата ги мобилизира сите свои сили за да ја осигури нивната безбедност.
„Врз основа на она што го знаеме, полицијата за борба против тероризмот го прогласи настанот за терористички инцидент“,
рекол Тејлор на прес-конференцијата пред заградата на Скотланд јард во Лондон.
Тој соопшти и дека имало уште две апсења во врска со нападот на синагогата.
Во меѓувреме шефот на полицијата во Манчестер, Стивен Вотсон, исто така, на прес-конференција кажал дека идентитетот на сторителот е утврден, но оти е уште прерано тој да биде јавно соопштен.
Инаку, осомничениот за нападот беше застрелан во престрелка со полицијата.
Вотсон и официјално потврдил дека во нападот се убиени двајца припадници на еврејската заедница.
„По брзата реакција, вооружени полицајци од полицијата Манчестер го пресретнале сторителот и тој бил смртно застрелан во рок од седум минути од првичниот повик“,
рекол тој.
Дополнително, шефот на полицијата во Манчестер изјавил дека истрагите на полицијата се водат со забрзано темпо и дека ќе соопштат нови информации веднаш штом тоа ќе биде можно.
Тој додал и дека четири лица и понатаму се наоѓаат во болница каде што им се констатирани сериозни повреди.
Вотсон дал и краток опис на настанот, наведувајќи дека автомобил влетал во луѓе пред синагогата, а потоа лицето што го управувало ги нападнало со нож. Осомничениот, како што навел полицискиот службеник, носел елек што наликува на експлозивна направа.
Новинската агенција Ројтерс објави фотографија на која се гледа како робот за деактивирање бомби работи покрај телото на застреланиот напаѓач.
Полицијата потврди дека единица за деактивирање бомби е испратена на местото на настанот откако на социјалните мрежи се појави снимки на кои се гледа како граѓани им викаат на полицајците дека осомничениот има бомба врзана на себе.
Градоначалникот на Манчестер, Енди Бернам, изјави дека станува збор за сериозен инцидент и им порача на жителите на градот да ја избегнуваат областа.
„Станува збор за сериозен инцидент, но во исто време можам веднаш да ги уверам луѓето оти се чини дека непосредната опасност поминала и полицијата во Манчестер се справила со неа многу брзо“,
изјавил тој за Радио Би-би-си.

Британскиот премиер Кир Стармер од Копенхаген, каде што престојуваше на самитот на Европската политичка заедница, на платформата Икс објави дека згрозен од нападот и додаде дека ситуацијата е уште поужасна од фактот тој што се случил на Јом Кипур, најсветиот ден за Евреите.
This morning's attack is absolutely shocking.
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) October 2, 2025
I’m on my way back to London to chair an emergency meeting, and additional police assets are being deployed to synagogues across the country.
We will do everything we can to keep our Jewish community safe. pic.twitter.com/bNUfGbWwfq
Веднаш по информациите за нападот, Стармер замина од самиот и, како што јавија британските медиуми, тој попладнево пристигнал во Даунинг стрит, каде што ќе претседава со состанокот на владиниот комитет за вонредни ситуации.