Неофицијално, станува збор за Пепи Р. и Стефан А. од Штип
Полицијата ги уапсила насилниците од снимката на која се гледа како тепаат девојче, потврдуваат од МВР за „360 степени“. Станува збор за Пепи Р. и Стефан А. од Штип.
„Во врска со видеото кое утрово се споделува на социјалните мрежи, Ве информираме дека од страна на Секторот за внатрешни работи Штип преземени се мерки за утврдување на идентитетот на лицата и тие се лишени од слобода. Станува збор за С.А и П.Р. За конкретниот настан и преземените мерки известени се основното јавно обвинителство и надлежниот центар за социјални работи. Министерството за внатрешни работи ги презема сите потребни мерки за целосно расчитување на случајот“,
велат од МВР.
На видеото што се појави на социјалните мрежи се гледа како тие се изживуваат врз девојче, го клоцаат и го навредуваат.
Пред апсењето, за случајот се огласи дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска:
„Почитувани, на социјалните мрежи се споделува видео со навистина вознемирувачка содржина, кое содржи очигледни елементи на насилство. Ве известувам дека лицата се идентификувани, Бирото за јавна безбедност постапува. Постапува и Центарот за социјални работи. Најстроги санкции за ваквото нечовечко однесување.“
Според Кривичниот законик, тој што друг малтретира, грубо навредува, ја загрозува неговата сигурност или врз него врши грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.