Од МВР додаваат дека се преземаат и дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот

Министерството за внатрешни работи информира дека ги пронашло лицата од виралното видео што вчера се појави на социјалните мрежи, а на кое млади луѓе со автомобил дивееја на скопските улици, и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Во врска со видеозаписот што беше споделен на социјалните мрежи, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека веднаш се преземени мерки и активности и лицата се пронајдени, извршен е службен разговор и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила. Против возачот С.З. (20) од Скопје по член 167 став 2 (поради превезување лице на надворешните делови од возилото) и член 225 став 9 (возење без возачка дозвола) од ЗБСП и член 26 став 10 од Законот за возила (управување возило без регистарски таблици), како и против лицето што стои на хауба Р.Ѓ. (19) од Скопје по член 317 став 14 (му дал да управува возило на лице без возачка дозвола) и член 165 став 2 (прави дејствија со кои ја загрозува својата безбедност) од ЗБСП“,
се наведува во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека се преземаат и дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со инцидентот на Фејсбук порача дека овој случај треба да биде потсетник оти секое непромислено однесување ќе биде санкционирано.
„Нема храброст во ризикување животи за неколку секунди внимание на социјалните мрежи“,
напиша Тошковски.