Полицаецот не извршил адекватни проверки за автомобилот при премин на државната граница, не го евидентирал за остварување излез и патниците од возилото ги завел дека пеш ја поминале границата
МВР соопшти дека поднесена е кривична пријава за злоупотреба на службената положба против полицискиот службеник со иницијали Б.Ј, кој всушност го дозволил излезот на поранешниот вицепремиер Артан Груби на граничниот премин „Блаце“ кон Косово.
Пријавата е поднесена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното ОЈО ГОКК – одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, по член 353-в од Кривичниот законик.
„На 15.12.2024 во 09.06 часот, извршувајќи работни задачи на работно место полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, во кабина на излез од државата, со пропуштање на должен надзор, пријавениот дозволил излез на патничко возило џип „мерцедес“ со конзуларни регистарски ознаки, управувано од А.П. од Скопје, а сопатник бил А.Г. од Скопје, за кого постоела активна мерка „задржи и веднаш извести“, согласно распишана телеграма од Одделот за криминалистичка полиција при МВР. Со ваквото дејствие, полицискиот службеник Б.Ј. му овозможил на А.Г. да оствари излез од државата и покрај внесената мерка „задржи и веднаш извести“, а исто така, со дејствието нанел штета на угледот на МВР“,
соопшти МВР.
Полицискиот службеник Б.Ј. не извршил адекватни проверки за „мерцедесот“ при премин на државната граница, не го евидентирал за остварување излез и патниците од возилото ги завел дека пеш ја поминале границата.
Исто така, при граничната проверка не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.
Одделот за внатрешна контрола поднесе предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки полицискиот службеник да биде суспендиран од своето работно место до завршување на дисциплинската постапка.
Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над 8 милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
- МВР распиша меѓународна потерница по Артан Груби и Перпарим Бајрами
- СДСМ: Еден од полицајците што го има пропуштено Груби на „Блаце“ е личен избор на Тошковски
- Тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, само потврдува дека е виновен, вели Мицкоски за бегството на Груби
- Адвокатот на Груби вели дека според одбраната нема основи на сомневање за сторено кривично дело
Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.
За Груби и Бајрами се објавени меѓународни потерници.