Тинејџерот се разбудил и се обидел да избега со автомобилот иако на задното седиште веќе имало полицаец. Тој му наредил на малолетникот да го запре автомобилот, а потоа му пукал во грб

Американското Министерство за правда објави дека покренува истрага за убиство на тинејџер (17) во Вашингтон од страна на полицаец кое се случило на 18 март во украден автомобил.
Застреланото момче било Афроамериканец, спиело во паркираниот украден автомобил, кога на местото дошле полицајци, ја отвориле задната врата со намера да го уапсат.
На објавените снимки од камерите што се наоѓаат на полициските униформи, се гледа дека службениците скришум ја отвораат задната врата. Тинејџерот се разбудил и се обидел да избега со автомобилот иако на задното седиште веќе имало полицаец.
Тој му наредил на малолетникот да го запре автомобилот, а потоа му пукал во грб.
„Застани! Застани или ќе пукам!“ му вика полицаецот на тинејџерот неколку секунди пред да испука неколку куршуми.
На видеоснимката се гледа оти неколку секунди подоцна автомобилот се забива во куќа, како и дека полициски службеници потоа се обидуваат да му дадат прва медицинска помош на момчето.
Според тврдењата на полицијата, во украдениот автомобил во кој бил тинејџерот, бил пронајден и пиштол.
Американското Министерство кое покрена истрага рече дека станува збор за трагичен и вознемирувачки настан и изрази сочувство до семејството на тинејџерот.
Претседателот на американскиот полициски синдикат „Парк полис“, пак, застана во одбрана на полицајците.
За „Вашингтон пост“, оттаму изјавија дека постоела оправдана и законска причина полицаецот да влезе во автомобилот, а употребата на сила исто така била оправдана.
Се огласи и мајката на убиеното момче која побара полицаецот да добие отказ и да биде процесуиран во судска постапка.