Полицаец од Тетово бил затекнат како црта графити со политичка содржина на јавна површина, јави „А1он“. Негови колеги го затекнале службеникот како во придружба со уште неколку лица цртале графит со знамето од Вергина и натписот ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите на порталот, полицаецот е вработен во гранична полиција, а Одделот за внатрешна контрола треба да одлучи дали ќе покрене дисциплинска постапка против него.
Техничкиот министер Наќе Чулев пак, вчера посочи друг случај со полициски службеник од Куманово, за кој рече дека веќе е поведена постапка, бидејќи делел пропаганден материјал од СДСМ.
„Колегите ме информираа дека од Одделот за внатрешна контрола веќе е постапено и е утврдено грубо крешење на работниот ред и дисциплина, од страна на еден припадник од СВР Куманово, кој пред заминувањето на Оливер Спасовски имал склучено договор на определено време. Тој делел пропаганден политички материјал за СДСМ на штанд, со што грубо го прекршил работниот ред. Заради ова идната недела на ова лице ќе му биде прекинат договорот на определено време“,
рече Чулев.
Чулев рече и дека е поведена постапка за двајца раководители во СВР Куманово кои во април не спречиле, како што рече, „делење на хуманитарна помош за политички цели“.