Руската инвазија на Украина е голем срам за европските политичари кои премногу се зближија со Путин, пишува „Политико“
На листата се наоѓаат двајца актуелни премиери во ЕУ, поранешни премиер и канцелар, претседателски кандидати… Луѓе кои го опишуваа Путин како „беспрекорен демократ“ и му се восхитуваа, носеа маици со неговиот лик, членуваа во одбори на руски државни компании и имаа телевизиски емисии на државни медиуми во Русија, по инвазијата ја сменија реториката. Сега излегуваат со осуди, користат квалификации како „крвав агресор“ и „лудак“

Додека руската воена машина удира кон Украина во најголемата инвазија што Европа ја видела по Втората светска војна, една група Европејци се чувствува особено непријатно: бранителите и навивачите на Владимир Путин, пишува во анализа бриселскиот портал „Политико“.
Од лидерката на екстремнодесничарската партија Национален собир, Мари ле Пен, во Франција, до Матео Салвини, предводникот на италијанските десничари, оваа група политичари со години го покажуваа својот афинитет кон рускиот претседател, прифаќајќи руски заеми и членувања во корпоративни одбори, делуваа како гласноговорници на Кремељ.
„Додека Русија трупаше војници околу границите на Украина, некои од овие пријатели на Путин ја минимизираа заканата и го обвинија Западот за зголемување на тензии. Но, како што Путин му објавуваше војна на Киев и балистички проектили паѓаа врз украински цели, таа нивна позиција стануваше потешка за одржување, па многумина од нив беа принудени да се повлечат од симпатизирањето на Кремељ и да побрзаат со нивните изјави за осуда на нападот“,
пишува „Политико“.
Кои се верните пријатели на Путин во Европа: Што зборуваа претходно, а што велат сега?
Мари ле Пен

Лидерската на француската екстремнодесничарска партија Национален собир, Мари ле Пен, е првата на листата европски пријатели кои сега „голтаат кнедли“.
Ле Пен беше претседателски кандидат во Франција и долго време уживаше во блиските односи, но и во финансирањето од Русија, потсетува бриселскиот портал.
Во 2017 г. таа го посети Кремљ во рамки на претседателската кампања и ја поддржа анексијата на Крим од Москва во 2014 година. На почетокот на овој месец, Ле Пен рече дека „воопшто не верува“ оти Русија ќе ја нападне Украина и го осуди тоа што „нема разбирање за прашањата и размислувањата“ во Русија.
„Не гледам што би направиле Русите во Украина и кој би бил нивниот интерес таму. Да бев претседателка во моментов, немаше да ги имам ладните односи што постојат помеѓу Владимир Путин и Емануел Макрон“,
им рече Ле Пен на новинарите.
Но, во четвртокот таа ја смени играта. Објави изјава на нејзината веб-страница во која наведе оти „нема причина да се оправда инвазијата на Украина“, ја осуди како „неоправдана“ и повика на „итен крај“.
Ерик Земур

Уште еден европски политичар на оваа листа доаѓа од Франција. Станува збор за есеистот и полемичар Ерик Земур, кој влезе во претседателската трка за изборите што треба да се одржат оваа година, а на кои повторно ќе учествуваат и Ле Пен, како и актуелниот претседател Емануел Макрон.
Земур е екстремен десничар, кој претходно изјавуваше дека „му се восхитува“ на Владимир Путин како патриот, а путиновата загриженост за ширењето на НАТО со Украина и Грузија ја нарече „целосно легитимна“.
Во декември тој, исто така, рече дека е среќен што се обложил на тоа дека Русија нема да ја нападне Украина. Но, тоа беше лош облог.
Во четвртокот, Земур драматично го смени својот правец, па „без никакви резерви“ ја осуди руската инвазија и ја критикуваше како неоправдана.
Жан Лук Мелашон
Уште еден политичар кој влезе во трга за претседателската функција во Франција е на оваа листа. Станува збор за екстремниот левичар Жан Лук Мелашон кој претходно изјавуваше дека француските политичари се „должни да обезбедат Украина да не влезе во НАТО“ и тврдеше дека Русија „не е непријател, туку партнер“.
Но, и тој ја смени реториката по рускиот напад и објави изјава во која вели дека Русија е одговорна за ужасното назадување во историјата, а за инвазијата рече дека создава непосредна опасност да дојде до генерален конфликт кој му се заканува на целото човештво.
Матео Салвини
„Човек на Путин во Европа“. Вака го опишуваат поранешниот вицепремиер на Италија и лидер на италијанската крајнодесничарска Лига, Матео Салвини.

Салвини одамна има кажано дека му се восхитува на рускиот претседател, а носеше и маица со ликот на Путин. Неговата партија потпиша и договор за соработка со Единствена Русија – партијата на Путин, а партиски функционери беа под истрага за потпишување таен договор за нафта со Кремљ во 2018 година, вреден милиони евра.
„Но, лидерот на екстремната десница се огласи на Твитер во четвртокот за да ’осуди секаква воена агресија‘ во Украина и повика на ’заеднички одговор од сојузниците‘, објавувајќи видео како тој носи цвеќе во украинската амбасада во Рим“,
пишува „Политико“.
Милош Земан

Претседателот на Чешка, Милош Земан, е познат по неговите провокативни и запаливи коментари, а ужива и во озлогласените топли врски со Москва.
Војната во Донбас по 2014, Земан ја опишуваше како „граѓанска војна помеѓу две групи украински граѓани“, а минатата година испровоцира големи протести поради неговите коментари со кои даде поддршка за Русија. Тој беше еден од малкуте лидери кои беа во официјална државна посета на Москва во 2015 година откако се случи руската анексија на Крим.
Но, посочува бриселскиот портал, по инвазијата во четвртокот тој се сврте против Москва и ги повика земјите од ЕУ да ја исклучат од платежниот систем Свифт, велејќи дека нападот врз Украина е „злосторство против мирот“, а Путин го нарече „лудак“.

Алекс Салмонд
И поранешниот лидер на Шкотската национална партија, Алекс Салмонд, уживаше невообичаено пријателски врски со Кремљ, пишува „Политико“. По анексијата на Крим од Москва во 2014, тој рече дека се восхитува на одредени аспекти на политиката на Путин и дека неговиот патриотизам е „целосно разумен“. Во 2017 година, шкотскиот политичар беше критикуван затоа што се согласи да снима неделна емисија за руската државна телевизија РТ наречена „Шоуто на Алекс Салмонд“.
Но, во четвртокот тој ја прекина емисијата поради нападот врз Украина велејќи дека иако никогаш немало мешање во уредувачката политика за неговата програма, тој не може да продолжи со емитување додека повторно не се воспостави мирот.
Герхард Шредер

И поранешниот германски канцелар во периодот помеѓу 1998 и 2005 година, Герхард Шредер, се најде на оваа листа. Тој се смета за близок на Путин, а дел и е од одборите во двете најголеми државни енергетски компании на Русија, „Роснефт“ и „Гаспром“. Шредер еднаш го нарече рускиот претседател „беспрекорен демократ“, а него во 2018 година „Волстрит журнал“ го опиша како „луксузен, платен и раскошен инструмент на Владимир Путин“.
По инвазијата, во четвртокот тој на Линкед Ин рече дека „двете страни имале грешки“, но сепак ја осуди инвазијата и кажа оти безбедносните интереси на Русија не ја оправдуваат употребата на воени средства.
„Војната и страдањата што таа ги предизвикува за народот во Украина мора да завршат што е можно поскоро. Тоа е одговорност на руската влада“,
рече Шредер.
Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон реши во целост да го осуди признавањето од страна на Путин на независноста на сепаратистички републики во Источна Украина. Оттогаш, Џонсон воведе низа санкции кон Москва и предложи рускиот претседател да се соочи со обвиненија за воено злосторство и за „крвав агресор“.
„Но, Џонсон не беше секогаш толку критичен кон Русија. Еднаш ја пофали ’немилосрдната јасност‘ на рускиот лидер во поддршката на сирискиот диктатор Башар Асад. Џонсон долго време е пријател и со истакнати руски олигарси, а британските опозициски партии проценуваат дека откако тој стана премиер неговата Конзервативна партија добила речиси два милиони фунти од руските елити“,
пишува „Политико“.
Франсоа Фијон
На листата на британскиот портал место зазема уште еден француски политичар. Во прашање е поранешниот премиер Франсоа Фијон кој во 2021 стана член на одборот на петрохемиската компанија „Сибур“, откако Кремељ една година претходно го номинираше и за место во одборот на руската државна компанија „Зарубежнефт“. Со „Сибур“ претседаваат руските олигарси Леонид Микелсон и Генадиј Тимченко – двајцата беа ставени на листата за санкции од Велика Британија пред неколку дена.
„Но, во четвртокот, десничарскиот политичар на Твитер напиша дека жали за анексијата на Крим во 2014 и ја осудува сегашната употреба на сила во Украина. Фајон во петокот објави и дека планира да се повлече од двете функции, тврдејќи дека Путин е ’единствениот виновник за предизвикување на конфликтот, што требало да биде избегнат‘“,
анализира „Политико“.
Виктор Орбан

Долгогодишниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, важи за личност која одржува блиски односи со Путин и тоа не се должи само на нивните блиски идеологии. Орбан преговара за долгорочни договори за гас од Русија, а за возврат на тоа добива пониски цени од тие што ги добиваат неговите европски партнери.
Унгарскиот премиер, потсетува бриселскиот портал, се пофали дека се сретнал 12 пати со рускиот претседател за време на неговиот мандат, а последен пат беше на почетокот на овој месец кога побара Путин да ги зголеми количините за извоз на гас.
„Тешки времиња, но ние сме во многу добро друштво“,
рече тогаш Орбан.
Меѓутоа, Орбан беше принуден да усвои поинаков став во четвртокот и во видео-изјава на Фејсбук ги критикуваше постапките на Москва, а истовремено велеше и дека Будимпешта нема да испраќа оружје во Украина.
„Заедно со нашите сојузници од ЕУ и НАТО го осудуваме воениот напад на Русија“,
рече Орбан.
Тој исто така им се придружи на европските лидери и во потпишувањето на пакетот санкции насочени кон повеќе сектори на руската економија.