Со наближувањето на претседателските и парламентарните избори, изборната реторика на политичките партии и на лидерите била почеста, поостра и насочена кон политичките противници, а притоа се користела скоро секоја тема од јавен интерес за да се промовира сопствената политичка идеологија и да се нападне противникот
Во комуникацијата, како што се наведува во извештајот, доминирале поларизирачките наративи за и против европска ориентираност кои во овие два месеца се зацврстиле во изборните реторики
Во најголемиот број случаи штетните содржини на онлајн медиумите и на ТВ-станиците се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите
Обвинувања кон политичките опоненти со цел да се поткопа довербата во нив, зачестена појава на популистички дискурс и на етноцентристички наративи, обвинувања за странско влијание, пласирање непроверени податоци, селективно презентирање информации, е само дел од она што политичките партии и лидерите го користеле преку партиските веб-страници и фејсбук-профилите во првите два месеца од годината.
Комуникацијата на политичките партии и на лидерите, како и нивното пренесување во медиумите, е нотирана во третиот извештај што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави во рамки на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА).
Со наближувањето на претседателските и парламентарните избори изборната реторика на политичките партии и на лидерите била почеста, поостра и насочена кон политичките противници, а при тоа се користела скоро секоја тема од јавен интерес за да се промовира сопствената политичка идеологија и да се нападне противникот. Во комуникацијата, како што се наведува во извештајот, доминирале поларизирачките наративи за и против европска ориентираност кои во овие два месеца се зацврстиле во изборните реторики.
Ниска култура на јавна комуникација
Политичките партии во јануари годинава покажале ниска култура на јавна комуникација, пракса која е продолжена од претходните месеци.
Опозициските политички актери најмногу ги критикувале владејачките актери за коруптивно однесување, нечесно, непрофесионално и нетранспарентно извршување на функциите. Партиите од власта, пак, ги критикувале и етикетирале опозициските актери како неевропски, кочничари на европската интеграција на земјата, како и политички опции кои и кога би дошле на власт нема да работат за доброто на народот, а притоа не се нудат конкретни докази или факти за изречените наводи.
Мониторингот на интернет и на фејсбук-страниците на 10-те политички партии и на нивните лидери во јануари идентификувал 75 објави на интернет-страниците на партиите и 73 фејсбук-објави кои содржат штетен наратив.
Најмногу штетни наративи во јануари биле идентификувани од партијата ВМРО-ДПМНЕ и тоа 61,3 отсто.
СДСМ во јануари имала речиси двојно помалку штетни наративи од ВМРО-ДПМНЕ и тоа 29,3 проценти. Левица во јануари користеле осум отсто штетни наративи.
Наспроти ова, пак, на фејсбук-страниците, Левица имала најмногу штетни наративи и тоа 43,8 отсто, а кај нејзиниот лидер Димитар Апасиев 11 отсто.
Мониторингот во јануари утврдил дека првпат имало штетен наратив на профилот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Покрај политичките партии, и владините претставници користеле штетни наративи. Во јануари бил забележан по еден штетен наратив кај вицепремиерот Артан Груби и кај министерот за економија Крешник Бектеши.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на исто ниво, Левица води со објавата на штетни содржини
Она што мониторингот го регистрирал во јануари, како интересен податок е тоа што на фејсбук-страниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ идентификувани се сличен број објави со штетни наративи, но не се забележани штетни наративи на профилите на лидерите на двете партии. Ова, како што се наведува во извештајот, укажува на повнимателна и политички коректна комуникација на личните, за разлика од партиските, фејсбук-страници.
Мониторингот за месец јануари не покажал објави со штетни наративи на интернет и фејсбук-страниците на партиите ЛДП, Нова социјалдемократска партија и Социјалистичка партија, како и на страниците на нивните лидери.
Во извештајот на ИКС се наведува дека доколку се земе вкупниот број мониторирани комуникации и се спореди со бројот на штетни наративи, може да се забележи дека продолжува трендот од декември.
На интернет-страниците мониторингот нотирал најмногу штетни наративи во објавите на Левица,и тоа во 75 отсто од интернет-објавите, додека кај СДСМ во 43,1 проценти, кај ВМРО-ДПМНЕ во 27,7 отсто, а кај ДУИ 25 проценти од вкупниот број интернет-објави.
На фејсбук-профилот на лидерот на Левица Димитар Апасиев во јануари имало во 40 отсто објави со штетен наратив, додека кај неговата партија тоа било во 65,3 отсто.
Од фејсбук-мониторингот, во Извештајот може да се забележи оти штетни наративи се присутни во 71,4 проценти од комуникацијата на Демократско движење и во 80 отсто од комуникацијата на лидерот Изет Меџити. Кај Алтернатива, 75 проценти од објавите содржат штетен наратив и 33,3 проценти од објавите на лидерот Африм Гаши.
На интернет-страницата на Алијанса на Албанците, Алтернатива, Демократско движење, ЛДП, Нова социјалдемократска партија и Социјалистичка партија не се забележани штетни наративи. Исто така, без штетни наративи биле и објавите на фејсбук-страниците на Алијанса на Албанците, на Арбен Таравари, Христијан Мицкоски, Моника Зајкова, Горан Мисовски, Љупчо Димовски, ДУИ, ЛДП, НСДП и Социјалистичка партија на Македонија.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во јануари продолжиле да користат непроверени наоди како основа за обвинување на политичките противници и непоткрепени тврдења за корумпираност, непрофесионалност и злоупотреба на службената должност. Често пати, се додава во Извештајот, се забележува и етикетирање на политичките противници и нецелосно пренесување информации, како и популистичко промовирање на сопствените интереси наспроти оние на опонентите.
ВМРО-ДПМНЕ на нивната фејсбук-страница најчесто објавувале слики, видеа и аудиозаписи кои се креирани со цел да ја доведат јавноста во заблуда, а мониторингот покажал и мал број дезинформации кои се објавени како соопштенија.
И кај останатите партии и нивните лидери, на Фејсбук, се забележани непроверени наоди и тврдења за корумпираност, како и етикетирање и оцрнување на политичките противници со цел да се предизвикаат поделби и раздори во општеството.
И на интернет-страниците партиите најчесто развивале штетни наративи на пристрасно селектирање информации со кои ја наведуваат јавноста на погрешни заклучоци и се обидувале да ја поткопаат довербата во институциите.
Во вкупно 46 интернет-објави на ВМРО-ДПМНЕ во кои се идентификувани 177 делови од комуникацијата кои се оценети како штетни, најчесто, односно 64 пати пристрасно селектирале информации и 57 пати се обиделе да ја поткопаат довербата во институциите.
Во 22 идентификувани интернет-објави со штетни наративи од СДСМ, биле забележани вкупно 51 обид за развивање штетни наративи. Истиот тренд го имало и на интернет-страницата на Левица.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во јануари на фејсбук-страницата која ја користел како премиер објавувал содржини од партиски активности, а една таква е забележана на 11 јануари кога бил на отворање на нови партиски простории на општинската организација на СДСМ во Аеродром.
Во јануари повеќето министри на своите фејсбук-страници објавиле дека биле на одбележување на некој верски празник.
Објавувањето содржина за одбележување верски празници од профили на избрани функционери во секуларна држава, како што се наведува во Извештајот на ИКС, не соодветствува со очекувањето дека владините комуникациски канали се употребуваат исклучиво за комуникација поврзана со работата на функционерот, кој треба да ги застапува интересите на сите граѓани без разлика на верска, политичка или каква било друга лична определба.
Во февруари, во споредба со претходниот месец, намален е бројот на штетните наративи на интернет-страниците, но има зголемување на бројот на штетните наративи на фејсбук-страниците.
Најмногу штетни наративи на интернет и на Фејсбук биле забележани на 19 февруари кога најактуелни теми биле проблемот со вадење лични документи и патни исправи со новото уставно име на државата, претстојните претседателски и парламентарни избори и учеството на претседателот Стево Пендаровски и премиерот на преодната Влада Талат Џафери на 60. Минхенска безбедносна конференција.
„Овој месец може да се забележи дека штетните објави во форма на вербална комуникација во директен контакт со медиумите, како прес-конференции, интервјуа, изјави и говори се почесто застапени на фејсбук-страниците, додека писмената индиректна комуникација кон јавноста преку соопштенија е позастапена на интернет-страниците на партиите“,
се наведува во извештајот на ИКС.
Партиите и во февруари продолжиле да користат ниска демократска култура, зачестила употребата на навредлив јазик во комуникацијата кон политичките противници, а исто така честопати се користел и популистички дискурс.
На фејсбук-страниците, и во овој месец, најмногу штетни наративи имало кај Левица и кај нејзиниот лидер, а првпат е нотиран и штетен наратив кај лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
И министрите во техничката влада користеле штетни наративи
И членовите на преодната влада, вицепремиерот Артан Груби, како и министрите Бујар Османи, Крешник Бектеши, Кренар Лога, Љупчо Николовски, во февруари користеле штетни наративи на нивните фејсбук-страници.
Најмногу било забележано обвинување на странски ентитет и за мешање во внатрешните работи на државата, а поретко се користеле слики, видеа и аудиозаписи што се креирани со цел да ја доведат јавноста во заблуда. Присуството на овој штетен наратив, како што се вели во Извештајот, се должи пред сè на обвинувањата од ДУИ, која од крајот на јануари ја почна предизборната кампања „ДА за Европа, НЕ за Русија“.
Во овој месец за првпат била забележана злоупотреба на информации од приватниот карактер или лични трагедии, попреченост, социјален статус, брачен статус на политичките противници за остварување на сопствената цел на интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, како и тврдења дека политички противници и јавни институции се манипулирани од заднински (тајни) моќни групи на фејсбук-страницата на Алијанса на Албанците и Изет Меџити.
Политичките актери ги прекршуваат начелата за јавна комуникација
Во Извештајот на ИКС се наведува дека мониторингот во јануари и февруари 2024 година покажува дека доминантните политичките актери во Македонија, и од владејачките и од опозициските политички партии, ги прекршуваат стандардите и начелата што треба да се следат во политичката комуникација. Тие, се додава во Извештајот, многу лесно посегнуваат по обвинувања за своите политички противници без поткрепа со аргументи.
„Политичките актери имаат обврска да бидат транспарентни во своето информирање, да го застапуваат јавниот интерес, да не бидат извор и да не шират дезинформации и непроверени информации, како и да не се служат со говор на омраза, дискриминаторски говор и да ги почитуваат правата и обврските од слободата на изразување“, се вели во Извештајот.
Мониторинг и на медиумското известување
Мониторингот во јануари и во февруари со кој биле опфатени 11 онлајн медиуми и 9 телевизиски станици, покажал дека има раст на објавите со штетни наративи кај медиумите, како и рекорден број објави со штетна содржина кај онлајн медиумите.
Во најголемиот број случаи, штетните содржини се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите.
Според Извештајот на ИКС, загрижува фактот за зачестените критики на влијателните политички актери (и од поранешниот премиер и од лидерот на опозицијата) кон медиумите, со што се поттикнува клима за недоверба кон медиумските работници и нарушување на слободата на изразување.
На медиумите кои биле анализирани било забележано дека доминира практиката некритички и еднострано да се пренесуваат непроверените наводи од политичките актери, најчесто во форма на целосно пренесени партиски соопштенија и говори на политичари.
„Позитивно во овие два месеци е што во речиси сите анализирани ТВ прилози ниту еднаш не е забележан говор со којшто се навредува одредена група или, пак, се оправдува говор на омраза кон одредена група. Исто така, кај одредени медиуми има тренд на намалување на бројот на прилози со штетни наративи во однос на претходните четири месеци од мониторингот“,
се наведува во Извештајот.
Најголем број прилози со штетни наративи имале порталите „Република“ (44) и „Курир“ (33), но кај другите анализирани портали сменети се местата на „ранг-листата“, па следуваат „А1 он“ и „Независен“, а дури потоа Вечер.мк и „Локално“, додека „Нова ТВ“ и овој пат била со најмалку прилози со штетни наративи.
Во однос на жанровската структура на анализираните прилози со штетни наративи, најмногу ја сочинувале партиските соопштенија и пренесените говори на политичарите кои биле тематски фокусирани на внатрешната политика, а пред сè, на „предизборните кампањи“.
Во однос на ТВ-станиците, мониторингот во јануари забележал дека има рекорден број на прилози со штетна содржина. Денот кога имало најмногу прилози со штетна содржина е 11 јануари, а тие се должеле на партиските реакции по критиката на холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп упатена кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за падот на владеењето на правото.
Трендот на прилози со штетна содржина продолжил и во февруари, што во Извештајот е забележано дека е индикатор за заострената реторика меѓу политичките актери, но и проблем со професионалните новинарски стандарди.
Ден со најголем број прилози кои содржеле штетни наративи е 8 февруари кога сите прилози биле поврзани со превирањата во политичката партија Алијанса на Албанците и изјавите на нејзините претставници.
Во Извештајот на ИКС се наведува дека ТВ Алфа е медиумот кој убедливо најмногу креирал или пренесувал штетни наративи од сите телевизии. Потоа следат МТВ 2 и ТВ 21, ТВ Сител, ТВ Алсат М, ТВ Канал 5, ТВ Телма и на крајот ТВ 24.
Анализата во јануари и февруари во извештајот на ИКС се вели дека се забележани и позитивни работи кои треба да бидат издвоени и потенцирани. Една од нив е дека во сите анализирани прилози ниту еднаш не е забележан говор со кој се навредува одредена група или, пак, се оправдува говор на омраза кон одредена група, врз основа на национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група итн.
Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн медиуми и 9 телевизиски станици.
Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од британската амбасада во Скопје.