Пратеникот и лидер на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљас, кој сега е дел од „Европски фронт“, вели дека ако преговараат за влез во Владата, тоа би го правеле во разговори со премиерот, а не преку ВЛЕН
Оценувајќи дека можеби се најдемократски настроена парламентарна група во Собранието, Мурати рече дека нема никаква причина да премине во друга коалиција

Откако крилото на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари одлучи на локалните избори да настапи со сопствени листи за советници, независно од ВЛЕН, а претседателот на Беса, Билал Касами, рече дека додека едни заминуваат, други може да им се приклучат, се отворија шпекулации за тоа кој би можел да ја смени страната и да премине од опозиција во власта.
Касами дури рече дека веќе има понуди, барања и разговори со други политички фактори од опозицијата, кои биле подготвени да бидат дел од владиното мнозинство.
Партиите на турската етничка заедница во Македонија, од кои две се членки на опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ и имаат пратеници во Собранието, се дел од од шпекулациите за можните трансфери. За ова денеска во парламентот говореше пратеникот Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кој отфрли таква можност, додека во изјава за „360 степени“ пратеникот и лидер на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљас, не беше толку категоричен.
Мурати: Се чини дека тоа се дезинформации
Пратеникот Мурати, прашан дали можеби размислуваат да преминат во ВЛЕН, рече дека тоа се дезинформации и оти некогаш и опозицијата заслужува внимание.
Мурати на прес-конференција во Собранието рече дека како партија се принципиелни во своите политички ставови и договори.

ФОТО:МИА
Оценувајќи дека можеби се најдемократски настроената парламентарна група во Собранието, Мурати рече дека нема никаква причина да премине во друга коалиција.
„За нас моралните вредности се многу значајни и за договарање. Можам да кажам, како претставник од турската заедница, дека ние сме многу среќни во ’Европски фронт’. Гледате која слобода и афирмативни вредности ги застапувам една година. Верувајте дека можеби сме најдемократски настроената парламентарна група во Собранието и немам никаква причина да преминам. Некогаш и опозицијата заслужува внимание. Ние сме среќни со ова“,
рече Мурати.
Тој вели дека не сакаат по секоја цена да бидат во власта и додаде оти сè додека има слобода да дејствува како пратеник во „Европскиот фронт“ ќе биде дел од него.
„Јас како дел од турската заедница имам почит и внимание и од другите лидери во ’Европскиот фронт’ и од пратеничката група. Се чини дека тоa се дезинформации“,
изјави Мурати.
Мурати рече оти преголемата моќ на власта не донела благосостојба на државата во внатрешната хармонија, работата со соседите, европските интеграции, владеење на правото, слободата на медиумите.
„Цела година зборуваат дека имаат 80 пратеници, се докажа дека без нашата поддршка на две клучни работи не можат. Ние ги поддржавме законите за органите на државната управа и за локална самоуправа се во интерес на плурализмот, владеењето на правото и развојот на земјата“,
рече Мурати.
Иљас ќе бара министерско место и вода за Турците
За разлика од Мурати, кој вели дека останува во „Европскиот фронт“, претседателот на ДПТ, Бејџан Иљас, не ја исклучува можноста за преминување во владејачкото мнозинство доколку се отвори потреба, но вели оти засега немаат добиено официјална покана.
Во изјава за „360 степени“, Иљас вели дека по излегувањето на Арбен Таравари од ВЛЕН, несомнено е оти се очекуваат промени и додаде дека сè додека немаат покана продолжуваат со „Европски фронт“.

Вели дека доколку се преговара за нивен влез во Владата, тоа ќе биде директно со премиерот, а не со коалицијата ВЛЕН.
„Немаме потреба од такво нешто“,
рече Иљас на прашањето зошто не би коалицирале со ВЛЕН.
Сепак, вели дека на 25 мај ќе се одржи редовниот конгрес на партијата и дека новите структури ќе треба да одлучат за понатамошните чекори.
Она што како партија ќе го имаат како барање е Турците да добијат претставник во Владата, нешто што, како што рече, сега е недостаток.
„Едно од барањата ќе биде Турците да добијат министер за да се работи на решавање на нивните проблеми. Но, тоа нема да биде најважно. Во партијата ќе се разговара за реализација на проекти бидејќи имаме делови каде што Турците живеат без да имаат вода. Не треба да се насочиме на еден проект“,
додаде Иљас.
Настап на локалните избори
„Европскиот фронт“, како што рече Мурати, на локалните избори ќе излезе со заеднички кандидати за градоначалници и со заеднички листи.
„На овие листи ќе има и претставници од турската заедница“,
рече Мурати.
И Иљас даде коментар во пресрет на локалните избори и нивниот настап велејќи дека и во претходните коалиции во кои биле и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ имале асиметрични листи.
„Сакаме на локалните избори да одиме и сами и со заеднички листи“,
рече Иљас.
Локалните избори што се најавени дека ќе бидат во октомври годинава се причина што Арбен Таравари „се скара“ со неговите партнери од ВЛЕН.
Крилото на Алијанса за Албанците на Таравари најави дека на локалните избори ќе излезат со сопствени советнички листи, што не наиде на одобрување од останатите партии во ВЛЕН.
По ова следуваше исклучување на Таравари од ВЛЕН, а тоа во јавноста доведе до сомнеж околу стабилноста на владината коалиција.
Вчера во Владата се одржа средбата на Таравари со премиерот Христијан Мицкоски, која беше најавувана изминатиот речиси еден месец.
На неа, како што информираа владини извори, било договорено разговорите да продолжат. Во текот на овој месец ќе се знае иднината за функционирањето на Алијанса за Албанците на Таравари.