Извештајот содржи и препораки до македонските власти и до институциите на ЕУ за преземање решителни чекори во насока на унапредување на медиумските слободи во согласност со европските и меѓународните стандарди
Бавното темпо на медиумските реформи, силното политичко влијание, економската ранливост и растечкото присуство на дезинформации, сериозно ја поткопуваат довербата на јавноста во медиумите во Северна Македонија. Ова е главниот заклучок од најновиот Извештај од сенка за слободата на медиумите, кој денеска беше презентиран во Европска куќа во Скопје, од страна на Фондацијата „Метаморфозис“ и организацијата „Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa“ (OBCT).

„Независните и слободни медиуми се клучен елемент за стабилна демократија. Ситуацијата во Северна Македонија е слична со онаа во повеќе земји од ЕУ и земјите кандидати“,
рече Серена Епис од OBCT која ја нагласи потребата од соработка и размена на информации меѓу сите засегнати страни.
Зоран Ричлиев од Фондацијата „Метаморфозис“ посочи дека политичките притисоци, економската несигурност и дезинформациите се главни фактори за ниската доверба на јавноста во медиумите.
Горан Ризаов, раководител на програмата Информациски и медиумски интегритет, предупреди на проблемите со ниските новинарски плати, нестабилните работни односи и неусогласената регулатива.
Извештајот содржи и препораки до македонските власти и до институциите на ЕУ за преземање решителни чекори во насока на унапредување на медиумските слободи во согласност со европските и меѓународните стандарди.
Настанот беше заокружен со панел-дискусија на тема „Дали македонските медиуми можат да ја исполнат улогата од јавен интерес“, на која говореа Снежана Трпевска од институтот РЕСИС и Милан Спировски од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
Трпевска говореше за честите измени на законската регулатива, како на пример Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, како и последните измени на Законот за медиуми. Во однос на Законот за аудио-визуелни медиумски услуги таа посочи дека тој до сега е сменет најмалку 15 пати, и содржи голем број недоречености.
Според неа, ако е толку важна регулативата тогаш е потребно да се внимава и на начинот на кој се носат и прават законите.
Спировски од ЗНМ ја оцени правната рамка за речиси добра, но оти се каска со нејзиното спроведување, посочувајќи дека само 10 проценти од пријавите од страна на новинари добиле судски епилог во изминативе пет години.
Овој извештај е дел од иницијативата „Media Freedom Rapid Response“, европски механизам што следи и реагира на прекршувања на медиумските слободи во ЕУ и земјите кандидати, и е поддржан од проектот „Транснационално застапување за слобода на информирање на Западен Балкан – ATLIB 2“, кофинансиран од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.