Според опозицијата, трагично е да се чита соопштението на Јавното обвинителство во кое се обидуваат да го оправдуваат незаконското назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ со образложение дека „не добиле правна помош од Бугарија“
За несериозно, тендециозно и политички мотивирано, опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) го оценува отфрлањето на кривичната пријава од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

„Веќе постојат најмалку четири пресуди од кои една за директорката на Дебарската болница, како и за директорки на две училишта кои признаа дека ТОЕФЛ-сертификатот кои го добиле од јазичното студио ‘Јулија‘ биле фалсификувани. Трагично е да се чита соопштението на Јавното обвинителство во кое се обидуваат да го оправдуваат незаконското назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ со образложение дека ‘не добиле правна помош од Бугарија‘“,
се веели во партиското соопштение.
Оттаму прашуваат како е можно истото Jавно обвинителство да обезбеди докази во шест други предмети, но не и во случајот за Бојан Христовски.
Од ОЈО Скопје денеска информираа дека не нашле ништо спорно со ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Заклучокот е дека Христовски не направил лажна исправа со намера да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити.
„По целосно спроведена постапка и извршени проверки, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела – Фалсификување исправа и Употреба на исправа со невистинита содржина“,
соопштија денеска од Обвинителството.
„360 степени“ објави серија стории во врска со проблематичниот ТОЕФЛ-сертификат на директорот на АНБ, Бојан Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни уставнови, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле докумнет со невистина содржина, односно ТОЕФЛ-сертификти токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Кратко по неговото именувањето на Христовски за директор на АНБ и сите прашања и сомнежи што се отворија околу исполнувањето на условите и приложените документи, тој беше гостин во „360 степени“. Интервјуто беше емитувано на 26 октомври 2024 година на МРТ 1.
Во него тој не кажа дека испитот го полагал од дома, а на прашање зошто се стекнал со сертификат за познавање на англиски јазик во Пловдив, а не во Скопје, Христовски рече дека тоа бил најбрз начин како да дојде до таа диплома, велејќи дека во Пловдив имало „отворен термин за полагање“.