Момчил Иванов, кој беше номинар за министер за правда, а денеска се повлече, е еден од кандидатите кои беа оспорувани од потенцијалниот партнер на Трифонов, Христо Иванов од „Демократска Бугарија“. Меѓутоа, неговото повлекување не ги смени многу работите за Христо Иванов
Правникот и пратеник во претходниот состав на бугарскиот парламент, Момчил Иванов, отпадна од листата предлози за министри за владата на „Има таков народ“ (ИТН) на шоуменот Слави Трифонов. Иванов е партиски кадар на ИТН, а беше предложен за министер за правда.

Кандидатот за премиер, Пламен Николов, утрово во парламентот соопшти дека од лични причини нивниот кандидат се повлекол. Мандатарот објасни дека по сите пишувања и преписки во медиумите, неговото достоинство не му дозволувало да продолжи понатаму и најави дека за многу брзо време ќе го објават новиот кандидат за челната позиција во Министерството за правда.

Момчил Иванов е еден од тројцата кандидати за министри на чија номинација негодуваше „Демократска Бугарија“, еден од потенцијалните партнери на ИТН. Неколку часа пред да биде објавен предлогот за состав на новата влада во вторникот (3 август), тој јавно се конфронтираше со „Демократска Бугарија“, објавувајќи статус на Фејсбук во кој ја нападна партијата, но набргу потоа го избриша.
Христо Иванов, кој е копретседател на „Демократска Бугарија“ и шеф на пратеничката група, по повлекувањето на Момчил Иванов се обрати пред медиумите со порака дека тоа нема да го смени партискиот став за предлогот за влада.

„Генерално, ова не ги менува работите за нас, бидејќи самото тоа што имаше таква кандидатура, што тој беше опција, е факт“,
рече Иванов чија коалиција сè уште не се изјаснила дали би ја поддржала владата на Пламен Николов.
Денеска во попладневните часови истекува рокот кога мандатарот Пламен Николов треба да го врати мандатот. Според процедурата за формирање влада во Бугарија, Николов треба да го достави мандатот кај претседателот Румен Радев – тој може да биде со предлог-влада или неисполнет. Доколку мандатот содржи предлог-министри, тогаш Радев понатаму ќе го достави во парламентот за гласање, доколку не, треба да го даде на втората политичка партија по бројот на пратеници, за таа да се обиде да формира влада.
Досега ниту еден од потенцијалните партнери на ИТН не кажа децидно дека ќе ја поддржи предложената влада, па сè уште нема јасна слика каков ќе биде расплетот. Покрај „Демократска Бугарија“, меѓу потенцијалните партнери се и „Исправи се“ и Бугарската социјалистичка партија (БСП). ИТН има 65 пратеници. БСП е со 36, „Демократска Бугарија“ 34, а „Исправи се“ 13.
Бугарскиот парламент брои вкупно 240 гласа. Во случај сите пратеници да бидат присутни во салата на седницата кога ќе се одржи гласањето, за формирање нова влада потребни се минимум 121 глас. Има опција владата да биде изгласана и со помалку гласови од апсолутното мнозинство, но за да се случи тоа потребно е во салата да не се присутни сите пратеници. Калкулациите со бројки во бугарските медиуми се различни, од тоа дека предлог-владата на ИТН може да добие поддршка од сите потенцијални партнери, до тоа да се изгласа влада со помала поддршка, па наесен заедно со претседателските да се одржат нови парламентарни избори, кои би биле трети годинава.