Европската иднина на Северна Македонија, дополни бугарскиот претседател, бара билатералните односи со Бугарија да се ослободат од идеологиите на тоталитаризмот за, како што рече, двете земји да имаат вистински полноправен дијалог и поврзување
Изјавата на Радев следува откако претседателот Стево Пендаровски порача дека Бугарија треба да се извини за улогата на тогашната профашистичка влада на Софија за депортацијата на македонските Евреи
Откако претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи изјави дека Бугарија треба да се извини за улогата на тогашната профашистичка влада на Софија за депортацијата на македонските Евреи, бугарскиот претседател Румен Радев го пофали Пендаровски за неговиот интерес за историјата, но му порача дека ќе мора да се потпира на, како што вели, историската вистина.

„Шефот на државата истакна дека политичарите во РСМ на својот народ им ја должат вистината за еврејското прашање, за прогонот и репресијата на македонските Бугари со децении“,
изјави Радев, пренесе БГНЕС.
Европската иднина на Северна Македонија, дополни Радев, бара билатералните односи со Бугарија да се ослободат од идеологиите на тоталитаризмот за, како што рече, двете земји да имаат вистински полноправен дијалог и поврзување.
Во неделата, на одбележувањето на 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна, претседателот Стево Пендаровски порача:
„За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада на Софија во тоа време за депортацијата на македонските Евреи.“
Кога луѓето не се спротивставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи, порача, меѓу другото, шефот на државата Стево Пендаровски во своето обраќање во неделата.