Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, рече претседателката, и додаде дека лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар за неговата работа
Најмалку што политичарите и политичките лидери можат да направат е да го остават Уставниот суд да работи согласно Уставот и Деловникот и да се воздржат од коментари, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд на која ќе расправа за Законот за употреба на јазиците.

На прашањето како ги коментира изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со претстојното одлучување на Уставниот суд, Сиљановска-Давкова вели:
„Како партиски, како лични, како субјективни… одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и лидерите на партиите и политичарите треба да се воздржат од коментар.“
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во обраќање пред поддржувачите и партиските членови кои „стражарат“ пред Уставниот суд, синоќа рече дека од Судот бараат, ако навистина дели правда и ако размислува за демократијата во државата, да ги отфрли сите 13 иницијативи во кои се оспоруваат одредби од Законот за јазиците.